Претседателот на опозициската партија апелира сите политички чинители да дадат свои мислења и предлози во однос на резолуцијата за да се постигне заеднички став за европската перспектива на државата
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека в четврток ќе биде објавена драфт-верзијата на резолуцијата која партијата ја подготвуваше изминатиот период, а се однесува на црвените линии на државата во однос на преговорите со Европската Унија (ЕУ).

„Многу внимателно пристапивме кон овој процес. Темата е чувствителна и бараше консултации со многубројни експерти од правото и меѓународното право. В четврток ќе ја презентираме работната верзија – наш предлог, кој го ставаме на маса за сите политички партии и субјекти во Собранието“,
изјави Филипче.
Претседателот на опозициската партија апелира сите политички чинители да дадат свои мислења и предлози во однос на резолуцијата за да се постигне заеднички став за европската перспектива на државата.
„Само со единство можеме да ги отвориме поглавјата, да го фатиме чекорот со Албанија и Црна Гора и да ја обезбедиме нашата европска иднина“,
додаде тој.
Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати досега изјави дека со нетрпение чека да го види документот за црвените линии на државата што го подготвува опозицијата, наведувајќи дека приоритет на Владата се европските интеграции, но дека тој пат не смее да биде срамен, туку достоинствен.