Министерот за здравство Венко Филипче денеска имал средба со семејството на Емилија Динева од Дојран, жената која почина од последици од сообраќајна несреќа и чие семејство се согласи нејзиноте органи да бидат донирани за трансплантација на тројца пациенти. На средбата присуствувал и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, објави министерот Филипче на Фејсбук.
„На семејството им изразив најголема почит и благодарност за хуманоста која ја покажаа во нивните најтешки моменти. Тие дадоа надеж и шанса за живот на три семејства. Тие спасија три човечки животи. Поради нив, првпат во земјава се изведе трансплантација на срце, а два бубрега се трансплантираа кај двајца пациенти кои подолго време беа на дијализа. Пациентите се во добра и стабилна здравствена состојба. Органодарителството е највисокиот чин на човекољубие и хуманост. Горд сум на ова семејство“,
напиша Филипче на својот Фејсбук-профил.
Првата трансплантација на срце во нашата земја беше извршена кај 54-годишниот Иван Огненовски од Скопје, ноќта меѓу 22 и 23 мај. Шестчасовната операција ја направи тим од хирурзи од Државната кардиохирургија и од приватните болници Жан Митрев Клиник и Аџибадем Систина, предводен од д-р Сашко Јовев. Пациентот е стабилен, а во добра здравствена состојба се и двајцата пациенти на кои од починатиот донор им беа пресадени бубрези.
