Лидерот на СДСМ рече дека е задоволен од начинот на кој течела кампањата, оценувајќи ја како фер и додаде дека партијата успеала да допре до голем број граѓани

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, по остварувањето на своето гласачко право на локалните избори, повика на мирен изборен ден и апелираше до граѓаните да излезат во што поголем број.
„Очекувам мирен ден, посакувам мирни и фер избори. Ги повикувам луѓето да излезат во што поголем број. Многу е важно да избраните градоначалници, советници добијат легитимитет од голем број граѓани. Тоа е наше право и одговорност и тоа е наша обврска“,
изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека е задоволен од начинот на кој течела кампањата, оценувајќи ја како фер и додаде дека партијата успеала да допре до голем број граѓани.
„Мислам дека имавме инструменти и начин да допреме до многу голем број граѓани, да ги претставиме нашите кандидати, нашата програма. Сметам дека граѓаните ќе одлучат врз основа на објективни параметри за тоа кој ќе ги води следните четири години во општините во кои живеат“,
додаде тој.