Првиот социјалдемократ обвини дека власта води црна кампањата и против СДСМ, сакајќи на подмолен начин да ја етикетира опозицијата како предавничка и да ги подели граѓаните
Додека младите се селат, тие зборуваат за загари, орли, врапчиња и што ли уште не – порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од вечерашниот митинг во Центар, алудирајќи на предизборните препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и опозициската ДУИ. Обвини дека црната кампања во предизборието говори за неспособноста на власта која, како што рече, не сака напредок, дијалог и компромиси.

„Тоа е власт која се храни и одржува од внатрешни поделби, од сиромаштија која ја контролира со корупција и од хаос во кој се создава апатија. Ова е целта. Но јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност самите тие. Ги слушам, едните биле загари и орли, другите за врапчиња и што уште не. Театар за деца“,
изјави Филипче.
Првиот социјалдемократ обвини дека власта води црна кампањата и против СДСМ, сакајќи на подмолен начин да ја етикетира опозицијата како предавничка и да ги подели граѓаните.
„Имаме власт отуѓена од народот, власт која партизира, узурпира и одбива да го слушне крикот на граѓаните за подобар живот и за напредок. Сведоци сме на одвратна лажна и црна кампања против СДСМ која ја водат од првиот ден власт. Оваа мизерна и ниска кампања на ВМРО-ДПМНЕ е одраз на нивната немоќ и неспобност. Но суштина е уште поболна, а тоа е дека зад кампања се кријат нивните лоши намери за иднината на оваа земја“,
додаде лидерот на СДСМ.
Во оваа смисла Филипче рече дека државата е под закана, а оти ВМРО-ДПМНЕ ја носи кон повторна изолација, назадување, узурпација и режим. Додаде дека престојните избори се момент кога СДСМ треба да биде силен противник на владејачката партија, за, како што рече, власта да увиди дека работата е тргната во погрешна насока.