Претседателот на СДСМ истакна дека граѓаните веќе ја препознаваат неспособноста на актуелната власт и дека секојдневно се чувствуваат последиците од погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски немаат никакви резултати зад себе, па затоа се служат со лаги, спинови и напади врз опозицијата, изјави денеска на трибина во Ѓорче Петров, лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„Го гледам Мицкоски, од уста не ме вади во оваа кампања. Човекот изгледа не може да сфати дека е на власт и дека треба да промовира што направил, а не да се занимава со опозицијата. Секој ден нова измислена афера по стариот терк, но сега веќе никој не му верува. Кога немаш ниту едно дело, останува само да плукаш. На Мицкоски треба да му биде едно јасно: граѓаните не живеат од неговата пропаганда“,
порача Филипче.
Претседателот на СДСМ истакна дека граѓаните веќе ја препознаваат неспособноста на актуелната власт и дека секојдневно се чувствуваат последиците од погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој им порача на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски дека граѓаните очекуваат резултати и решенија, а не јалови напади и пропаганда, „бидејќи тоа не носи храна и не ги плаќа сметките на граѓаните.
„Неговите јалови напади не носат храна на масата и не плаќаат сметки. Граѓаните бараат решенија, бараат достоинствен приход, бараат јасна иднина напред. Бараат луѓе кои ќе си ја вршат работата за која се платени. Времето на обвинувања кон опозицијата им заврши – ама тоа никако да го прифатат”,
порача Филипче.
Во своето обраќање тој истакна дека овие избори се историски важни не само за СДСМ, туку и за целата држава, бидејќи народот има можност да испрати силна порака против ароганцијата и самоволието на власта.
„На овие избори имаме шанса да испратиме силна порака до овие арогантни луѓе кои ја преземаа власта – дека народот не се предава и не молчи. Дека не може да прават што сакаат. Да испратиме силна порака дека социјалдемократијата живее и дека од овие избори започнува падот на оваа ненародна власт која изгуби контакт со реалноста”,
нагласи лидерот на СДСМ.