Се работи се четири предлог-закони со кои се предложува намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 отсто, намалување на акцизата за четири денари, третиот предлог-закон се однесува на укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, а четвртиот е за преполовување на цените на патарините во државата
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, објави дека партијата до Собранието ќе поднесе пакет законски решенија со кои предлага намалување на цените на горивата и на прехранбените производи.

Се работи се четири предлог-закони со кои се предложува намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 отсто, намалување на акцизата за четири денари, третиот предлог-закон се однесува на укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, а четвртиот е за преполовување на цените на патарините во државата.
Филипче рече дека ваквиот потег уследил бидејќи Владата досега не одговорила соодветно на поскапувањата.
„Од денеска повторно има покачени цени на горивата. Иако премиерот Христијан Мицкоски најавуваше дека горивата ќе поевтинат некаде за 2,5 денари по литар – тие поскапеа за 7 денари. Ова е второ сериозно покачување на цените на горивата, а Владата не презема буквално ништо за да го заштити стандардот на граѓаните. Нема најава за никакви мерки кои во оваа тешка криза ќе им помогнат на граѓаните полесно да живеат. Ова поскапување на цените на горивата ќе доведе до поскапување на храната, на основните продукти, а евентуално и на струјата“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Дури и цената на нафтата на светските берзи да се стабилизира, според него, ако се случат ваквите поскапувања, цените потоа ништо нема да ги врати назад.
„Имајќи предвид дека апелиравме, и дека како и секогаш владата не одговори и нема намера да одговори, ние ќе поднесеме пакет-закони со цел да им олесниме на граѓаните оваа криза полесно да ја надминат. Владата мора да реагира и да ги прифати овие закони затоа што народот во оваа криза нема да може да се прехрани“,
рече Филипче и ја обвини власта дека единствена од регионот не преземала мерки за надминување на кризата.
Дека власта лошо се справува со кризата претходно денеска обвини и опозициската ДУИ, која побара разрешување на актуелниот министер за економија.
