Мерки што Комисијата за заразни болести ги донесе даваат резултат и бројката на хоспитализации се стабилизира. Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи, вели министерот за здравство Венко Филипче, кој утрово одржа состанок со директорите на ковид-центрите од клиниките во комплексот „Мајка Тереза“.
По направените анализи, на состанокот заклучиле дека изминатата недела е достигнато платото по бројот на хоспитализирани пациенти и веќе имам благ пад на бројот на хоспитализирани на дневно ниво.

„Очекуваме во наредниот период да има повеќе испишани отколку примени пациенти. На инфективните оддели има сѐ повеќе слободни места. Секако, ја следиме состојбата од ден на ден и подготвени сме за секое сценарио. Доколку овие прогнози не се остварат, имаме на располагање и нови оддели и дополнителни болнички капацитети кои се спремни да се отворат“,
рече министерот Филипче.
На сите инфективни оддели, нагласуваат здравствените власти, има слободни места со довод на гас, а во наредните неколку дена ќе завршат градежните работи кои ќе овозможат да се отворат нови соби со довод на кислород.