Опозицискиот лидер го обвини премиерот дека реагира задоцнето и дека на тој начин дозволил во изминатите три недели да се зголемат цените на горивата, но и на прехранбените производи
Задоцнета и неефикасна. Вака лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, ја оцени денешната одлука на владата за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто. Според него, мерката е далеку од доволна и нема да придонесе за реално намалување на цените на горивата.

„Цените на горивата веќе три недели се покачени. За утре се очекува ново зголемување и имајќи го предвид ова намалување на ДДВ, тоа значи дека граѓаните во текот на утрешниот ден и следниот период нема да го видат вистинското намалување на цените на горивата. Очекуваме цените да се зголемат за дополнителни 4 до 6 денари според новата пресметка на цената. Значи, апсолутно задоцнета и мерка која никако нема да даде ефект“,
рече Филипче коментирајќи ја владината одлука.
Тој го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека реагира задоцнето и дека на тој начин дозволил во изминатите три недели да се зголемат цените на горивата, но и на прехранбените производи.
„Со кое лице, без срам, излезе премиерот пред граѓаните со една половична мерка. За да ни зборува колкави се цените на горивата во соседството? Со што се занимаваше премиерот во изминатите три недели? Очигледно е дека оваа влада намерно избегнува суштински мерки како намалување на акцизите и намалување на ДДВ на цените на храната. Оваа влада се грижи само за бизнис структурите блиски до власта. Ова не е економска политика туку заштита на бизнис интересите на одредени компании на сметка на народот. Тоа на сите ни е јасно“,
рече Филипче.
Според лидерот на опозицијата, граѓаните ќе почувствуваат вистински ефект доколку власта ги прифати мерките на СДСМ – намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 отсто, дополнително намалување на акцизата за четири денари, укинување на ДДВ за основните прехранбени продукти и преполовување на цените на патарините.
Претходно денеска Владата на вонредна седница донесе одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто, што според премиерот Христијан Мицкоски, треба да го ублажи скокот на цените на дериватите. Одлуката ќе стапи во сила во понеделник на полноќ, односно на 23 кон 24 март и ќе трае во наредните две недели.
