Министерот за здравство, Венко Филипче, им се обрати на медиумите со цел да престанат да ги објавуваат дневните статистики од состојбата со ковид-19 пред тие да бидат официјално соопштени од надлежните институции. Тој вели дека деновиве тоа зачестено се прави уште рано наутро и речиси секогаш се објавени неточни информации за бројот на новозаболени.
„Од самиот почеток на оваа криза лично јас и целиот мој тим за односи со јавноста сме ваш партнер. Веќе 100 дена навремено, прецизно и транспарентно ја известуваме јавноста. Ги соопштуваме сите детали за новозаболените од ковид-19, се со цел медиумите да имаат точна информација. Уште еднаш ги замолувам медиумите да престанат да изнесуваат шпекулативни и непроверени информации околу бројот на заболени лица од ковид-19. Ги молам да ја зачуваат својата улога и задача која ја имаат кон јавноста за навремено, точно и проверено известување“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Тој вели дека непримерно е во ситуација кога имаме секојдневно заболени, да се шпекулира со податоци токму од страна на оние кои треба да обезбедат прецизна информација за јавноста.
„Со тоа се внесува конфузија кај населението и недоверба во институциите, а искрено верувам дека ова не е целта. Објавувањето број на новозаразени со ковид-19 од страна на медиумите не смее да биде трка на ексклузивитет, зошто станува збор за чувствителни информации за здравјето и животот на граѓаните. Објавувањето на вакви непроверени информации е уште повеќе несфатливо затоа што Министерството за здравство редовно ги објавува сите информации, а доколку има промени и по неколку пати на ден“,
вели Филипче.
