Министерот за здравство, Венко Филипче, по повод Светскиот ден на матичните лекари вели дека тие се клучна алка во синцирот на јавното здравје, а не само за здравјето на поединците.
Тој вели дека и во време кога сме во ковид-пандемија, матичните лекари носат голем товар и да превенираат, но и во контролата на пациентите.
„Голем товар во борбата со ковид пандемијата, лекарите по општа медицина го носат на свој терет од превенција и контрола на пациентите, споделување совети, утврдување на потребна терапија, совети за престој дома, па се до обезбедување превоз до ковид центрите. Тие заедно со целиот здравствен персонал играат важна улога и за процесот на ковид имунизацијата, кој е во тек“,
вели Филипче.
Тој потсетува дека во 2019 година сите матични лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија добиле приближно 15 отсто или 8 денари покачување за капитационен бод, односно за 1 000 пациенти добиваат околу 8 000 денари повеќе, а за 2 000 пациенти 16 000 денари повеќе средства.
„Со ова значајно ја олеснивме нивната работа и нивното функционирање. Ова зголемување отвори можност, да бидат стимулирани, дополнително да вработат медицинска сестра, да вработат и административен работник, се со цел докторите се повеќе да бидат посветени на нивните пациенти“,
вели Филипче.
