Лидерот на СДСМ рече оти владата имала недоволна реакција во економската криза, предупредувајќи дека спиралата на поскапувања кај основната храна веќе е почната и дека цените нема да се вратат назад
Мерките што ги донесе Владата по наглото покачување на цените на горивата на светските берзи се апсолутно задоцнети и нецелосни, рече претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција одржана во партиското седиште.

Тој кажа оти спиралата на покачување на цените на храната веќе е почната, при што основните прехранбени продукти се поскапени за 10 до 30 отсто, а тие цени нема да се вратат дури и ако поевтини нафтата. Дополнително, кажа и оти Македонија е единствената земја во Европа која воведува мерки, а цените на горивата истовремено растат.
„Не знам што објаснува премиерот кога вели дека ќе има само мало поскапување на дизелот. Вели и дека ја следат ситуацијата. Што следат ако ништо не прават? Дали се само неми набљудувачи или се влада која треба нешто да направи за да им помогне на граѓаните?“,
рече Филипче.
Во однос на најавите на министерот за здравство Азир Алиу за воведување евиденција на работното време на медицинскиот персонал со отпечаток од прст или т.н. фингерпринт, Филипче вели дека оваа мерка е понижувачка посочувајќи дека човек кој доаѓа од ИТ-секторот не знае што значи медицината и оти оваа мерка ги сведува докторите на работници во фабрика, нешто што го нема на ниту едно друго место во светот.
„На овој начин лекарите се бркаат од јавното здравство во приватните болници. Како се мери работното време кога имате хируршка интервенција што трае час, два или три, кога се спасуваат човечки животи“,
изјави Филипче.
„На овој начин лекарите се бркаат од јавното здравство во приватните болници. Како се мери работното време кога имате хируршка интервенција што трае час, два или три, кога се спасуваат човечки животи? Наместо вакви понижувачки мерки, треба да ги зголемат сериозно платите на лекарите. Платите не се мрднати од наше време, кога ние ги зголемивме за неколку пати, пет пати ги зголемивме за викенд-дежурствата и плус основните плати за 40 отсто. Тој тренд треба да продолжи, а не лекарите да се отчукуваат со фингерпринт“,
кажа тој.
Претседателот на СДСМ се осврна и на политичката ситација во земјата, упатувајќи низа директни критики кон Движењето ЗНАМ, и воедно рече оти вратите на СДСМ остануваат отворени за нивните поранешни членови кои сега се чувствуваат излажани од челниците на ЗНАМ.
„Не може да мислат луѓето како Максим Димитриевски и Христијан Мицкоски дека некој само ќе седи во Собрание и ќе дига рака додека тие тераат бизниси“,
заклучи Филипче.
