Критичниот период со коронавирусот ќе продолжи и наредните недели. Целиот кадар на јавно-здравствените установи е мобилизиран, а притисокот врз болниците очекуваме да продолжи и во следните месеци, затоа од клучна важност е граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од ковид.
Ваква порака испрати министерот за здравство Венко Филипче откако денеска се сретнал со директорите на повеќето клиники во Скопје каде се отворија ковид-центри, како и со директорот на Градската општа болница „8 Септември“.
„Анализата на досегашната поставеност на системот во зградата на интерни клиники покажа дека добро функционира, дава резултати во поголем број на оздравени пациенти и доволен број на слободен кревети. Капацитетите брзо се пополнуваат, но скоро воопшто и да не се чека за хоспитализација, не само на пациенти од Скопје, туку од секаде низ државата“,
рече Филипче.
На состанокот денеска, како што велат од Министерството за здравство, се зборувало за состојбата на пациентите хоспитализирани во ковид-одделенијата, усогласеноста и функционирањето на интерните клиники, бројот на слободни кревети, дали здравствените работници имаа дополнителна потреба од заштитна опрема за работа…
На хируршките клиники неделава, најавуваат, ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за лекување ковид-пациенти.