Ова, како што рече партискиот лидер, опозицискиот СДСМ ќе го предложи на јавната расправа во Собранието која има за цел анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива за зајакнување на безбедноста во сообраќајот
Заострување на казните за тешките прекршоци во сообраќајот и поставување полицаец пред и во секое училиште за време на наставата се двата конкретни предлога кои опозицискиот СДСМ ќе ги предложи на јавната расправа во Собранието со цел утврдување на потребата за законски измени за зголемување на безбедноста во сообраќајот. За ова денеска информира пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче вели дека е добро што ќе има јавна расправа во Собранието.
„Ние како партија во текот на изминатите денови припремавме неколку предлог-законски решенија и ќе ги презентираме на таа јавна расправа. Имаме два конкретни предлога – прво да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивање на наставата и тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето, гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот. Вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за тешките прекршоци во сообраќајот кои дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји“,
изјави Филипче одговарајќи на новинарски прашања.
На новинарско прашање зошто партијата ќе бара зголемување на казните во сообраќајот бидејќи додека беше на власт во 2021 година ги намали преку законски измени за безбедноста во сообраќајот, Филипче вели:
„Секој еден несакан настан треба да не поттикне да размислуваме за подобрување на системот.“
Во петок во Собранието ќе се одржи јавна расправа со цел анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Барањето за одржување на јавната расправа е на иницијатива на владејачките ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.
Најавата за одржување јавна расправа за зголемување на безбедноста во сообраќајот доаѓа во момент кога во фокус на јавноста и натаму е трагичната сообраќајна несреќа од минатата среда, во која по удар од автомобил на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.