Мојата визија е малку подолгорочна и во периодот по локалните избори вклучува сериозно окрупнување на сите опозициски партии, вели лидерот на опозициската партија

Независно од исходот на локалните избори, Венко Филипче планира да остане на позицијата претседател на СДСМ. Тој во гостување во „360 степени“ на МРТ 1 рече дека ја презел партијата во многу тешко време, по катастрофалниот пораз на парламентарните и претседателските избори и дека неговата визија ги надминува овие локални избори.
„Мојата визија е малку подолгорочна, во периодот после локалните избори вклучува сериозно окрупнување на сите опозициски партии. Мотивацијата е сè поголема, имајќи предвид дека сметам дека земјава сериозно заглавува“,
рече Филипче.
Запрашан што доколку одредени структури во партијата го постават прашањето за негова доверба, тој вели дека структури што креираат такви потенцијални сценарија ќе има, има и сега, но и оти независно од финалниот резултат, тој планира да остане на позицијата.
Венко Филипче беше реизбран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на внатрепартиските избори на кои тој беше единствен кандидат на 6 април годинава со вкупно 18 001 глас од околу 23 000 регистрирани гласачи.
На претходните избори на крајот на јуни 2024 г., кога од кормилото си замина Димитар Ковачевски по поразот на парламентарните избори во мај истата година, Филипче доби околу 9 000 гласа од членството. Тогаш имаше противкандидати, но заедно со неважечките ливчиња, на тие избори излегоа околу 13 000 члена на партијата.