Министерот за здравство Венко Филипче ќе предложи Владата побрзо да ги активира вонредните мерки за аерозагадување. Справувањето со загадениот воздух е процес, во кој се вклучени сите, уверува Филипче.
„Јас лично имам интензивна комуникација со Министерството за животна средина. Еве сега и преку овие иницијативи кои произлегуваат од граѓанските организации веќе почнаа да се спроведуваат мерките на Владата и тоа првпат по толку години – за менување на начинот на греење, за јавниот превоз. Свесни сме дека тоа не може да даде резултати преку ноќ, но апсолутно прифаќам дека ќе иницираме состанок токму за оваа тема“,
изјави Филипче по промоцијата на новата опрема на Клиниката за очни болести денеска.
Досегашната пракса беше доколку три дена по ред загадувањето е над 200 микрограми ПМ 10 честички на кубен метар, да се прогласат вонредни мерки, како што се: ослободување од работа на бремени жени, луѓе постари од 60 години и хронично болни, приспсобување на работното време на работниците што работат на отворено, забрана за одржување манифестации на отворено итн.