„Ќе го тужам за нарушување на честа и угледот заради тоа што јас за мојата чест и углед сум работел напорно и чесно и нема да дозволам со вакви бандитски работи, мене да ми се нарушува честа и угледот. Тоа за мене е највредно во животот“, изјави лидерот на СДСМ
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе го тужи докторот и сопственик на приватната клиника „Жан Митрев“ доколку наводите дека тој во својство на министер за здравство заедно со експремиерот Зоран Заев се обиделе да го принудат Митрев да им ги продаде своите сопственички удели во клиниката.

„Ако Жан Митрев бил жртва на таков рекет како што кажува, што правел досега? Второ, зошто тој не поднесува тужба, туку Обвинителството по допрен глас. Но, како и да е, нека ја завршат анализата, а потоа откако ќе се утврди дека тоа не постои и дека јас немам никаква вина, јас ќе го тужам приватно за нарушување на честа и угледот заради тоа што јас за мојата чест и углед сум работел напорно и чесно и нема да дозволам со вакви бандитски работи, мене да ми се нарушува честа и угледот. Тоа за мене е највредно во животот“,
изјави Филипче одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Изјавата на Филипче следува откако претходно вчера Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас по наводите на докторот Жан Митрев дека експремиерот Зоран Заев и ексминистерот за здравство Венко Филипче се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката.
Во интервју за ТВ Алфа, емитувано пред десетина дена, Жан Митрев потврди дека кај Заев и Филипче постоело заинтересираност за купување на сопственички удели во приватната клиника.
