Во однос на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски оти очекува сојужништво со МАНУ, партиите од сите етнички заедници и опозицискиот СДСМ во однос на евроинтеграциите, Филипче рече дека социјалдемократите се секогаш отворени за соработка и дека такви иницијативи во изминатиот период преглагала и самата партија и тој лично
Извештајот во Европскиот парламент не е за постоењето на македонската нација, јазик и идентитет – тие се јасно дефинирани и заштитени и никој не може да ги допре или да им наштети. Но, вадењето на јазикот од извештајот е пораз на владната дипломатија која не успеа да подобри ништо од позициите кои ги наследи.
Ова денеска го изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи го вчерашното гласање во ЕП за извештајот за напредокот за земјава кој беше усвоен без референците за јазикот и идентитетот.

„Вадењето на јазикот од извештајот е пораз на владната дипломатија која не успеа да подобри ништо од позициите кои ги наследи, туку како со булдожер ги сруши. Ги срушија нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник. За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт. Ветуваа гордост, добивме понижување“,
рече Филипче на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.
Според него, почетокот на мандатот власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ го дочекала со сигурни позиции оставени од претходната влада – загарантиран македонски јазик во Унијата и јасен пат напред – но ветувала дека може да обезбеди подобра позиција на земјата, подобар договор со Бугарија, подобра преговарачка рамка.
„Се покажа дека не тоа не е точно. Пред вас стојам за да укажам на длабоката криза во која нè носи оваа власт. Одлуката на ЕП и усвојувањето на извештајот се резултат на застранување од јасно утврдените стратегиски позиции на државата и злоупотребата на јазикот и идентитетските прашања од страна на владата за сопствена политичка кампања. Тоа е и директен резултат на дипломатските импровизации и целосна негрижа на владата за зачувување на меѓународната позиција на државата. Секој нов пораз на надворешен план актуелната власт го прикрива со сè подолги и подраматични и празни прес-конференции обвинувајќи ги другите за сопствениот неуспех“,
додаде Филипче.
Лидерот на СДСМ со ова алудираше на вчерашната прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски, одржана по гласањето во Европарламентот, на која рече дека светот видел со какви предизвици и неправди се соочува Македонија и македонскиот народ во 21. век.
Во однос на изјавата на премиерот оти очекува сојужништво со МАНУ, партиите од сите етнички заедници и опозицискиот СДСМ во однос на евроинтеграциите, Филипче рече дека социјалдемократите се секогаш отворени за соработка и дека такви иницијативи во изминатиот период преглагала и партијата и лично тој.
„Тоа што никогаш премиерот не го кажува е тоа за што ние ќе седнеме и ќе се договараме, кои се нашите национални интереси, како заеднички да се бориме, кој е начинот итн. Апсолутно сме тука да седнеме на маса и да разговараме. Жалам што сметам дека ова е еден целосен дефокус и дека тука не станува збор да го направиме чекорот кон европската интеграција, туку за обид за добивање политички поени“,
рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања.
Тој уште еднаш повтори дека СДСМ е подготвен да разговара за сè што е потребно со сите политички чинители за тоа како ќе се продолжи евроинтегративниот пат на земјава.