„Во извештајот јасно стои дека Македонија е погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики, особено од Русија и од Кина. Понатаму се говори дека Европската Унија е алармирана за улогите на Унгарија и на Србија во ширење на геополитичките цели на Русија и Кина на Балканот“, рече лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција
Последниот извештај на Европскиот парламент е практично најлошата оценка што нашата земја ја добила во последната една деценија, рече лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, наведувајќи дека тоа е израз на лошите политики на актуелната Влада, за кои, како што кажа, извештајот нотира дека се практично антиевропски.

Филипче на денешната прес-конференција се осврна на два моменти околу кои ги насочи своите критики кон Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Едната се однесуваше на слабата реализација на средствата од Планот за раст што земјава ги доби од Европската Унија, во рамките на оваа претпристапна програма на Брисел за земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и С Македонија и наместо нивно искористување форсира сомнителни директни заеми.
Вториот сегмент на кој се осврна лидерот на СДСМ беше за извештајот за напредокот на земјава подготвен од известувачот за земјава во Европскиот парламент Томас Вајц, кој на 24 јуни помина во Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), но допрва треба да биде изгласан на пленарна седница на парламентот.
Овде во фокусот на Филипче не беше придавката „современ“ пред македонски јазик која сè уште постои можноста да биде вметната преку амандмани во текстот што ќе се гласа на пленараната седница на ЕП што треба да се одржи од 7 до 10 јули.
Лидерот на СДСМ денеска говореше за делови од извештајот кои говорат за, како што кажа, загриженост поради напади врз новинари, мизогинија, неказнивост и сè поголемо ширење омраза и дезинформации.
„Кога пред неколку месеци јас јасно порачав дека оваа Влада храбро чекори кон авторитаризам, тогаш премиерот се чудеше, а еве сега и Европската Унија го коментира“,
рече Филипче, кој извештајот на Европскиот парламент го ословуваше како извештај на Европската Унија.
Она што според лидерот на СДСМ е особено опасно е тоа што, според него, претставници на Владата поддржуваат идеи и концепти кои се антиевропски, а што, како што наведе, во извештајот е нотирано преку формулацијата дека Владата поддржува т.н. „српски свет“.
„Во извештајот јасно стои дека Македонија е погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики, особено од Русија и од Кина. Понатаму се говори дека Европската Унија е алармирана за улогите на Унгарија и на Србија во ширење на геополитичките цели на Русија и Кина на Балканот. Во тој контекст во извештајот се забележува ризик од зависност од Кина преку асиметрични заеми, како што последниот заем од Унгарија, за кој се чини дека е набавен од Кина, а за кој ние сосема на време, на почетокот предупредувавме“,
рече Филипче.
Владата, како што додаде, дополнително ја изолирала Македонија бидејќи единствена се воздржала од гласање на европската резолуција за Украина. Ова, како што рече Филипче е дипломатски скандал, што е нотиран и во извештајот на ЕП бидејќи за првпат С Македонија гласа надвор од усогласената заедничка безбедносна и надворешна политика со Европската Унија.
„Знаејќи ги сите овие критики од Европската Унија ВМРО-ДПМНЕ што прави? Реактуелизиран националистички теми со цел да ги поклопи овие критики од Европската Унија. Такви теми им одговараат, практично си играат пинг-понг со бугарските власти, нешто што можеби и одговара на двете страни за да ги зајакнат своите позиции само на домашен терен. Ако до вчера единствен услов за продолжување на европскиот пат беа добрососедските односи и затворање на прашањата со соседите, сега на површина излегуваат многу посериозни теми и Македонија веќе во очите на многу држави во Европската Унија е перципирана како држава која поддржува геополитички и регионални интереси на држави како Србија, Унгарија, Русија и Кина“,
рече Филипче.
Прашањето кое, како што рече Филипче, сите дома треба да си го поставиме е „дали со ваквите потези кои се прецизно нотинари во извештајот на Европската Унија, европската интеграција останува само декларативна заложба на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ или можеби работат на некоја нова алтернатива, нов правец во кој се движиме“.
Во однос на Планот за раст и парите што тој треба да и ги донесе на земјава под услов да ја исполниме реформската агенда, лидерот на СДСМ кажа дека по една година влада на ВМРО-ДПМНЕ резултатите од работењето и политиките што се носат јасно покажуваат дека таа Владата и премиерот Христијан Мицкоски целосно го имаат напуштено патот кон Европската Унија.
„Најпрво реформската агенда, степенот на реализација укажува дека исклучиво поради неспособноста на Владата повеќе од 43 милиони евра се практично неискористени и истовремено Владата не го оправдува ниту го става во функција авансот од 52 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија. Огромни суми пари од ЕУ не се искористени што од неспособност што од немање интерес на оваа Влада“,
рече Филипче.
Во тој контекст, тој ги спомена Министерствата за економија и Министерството за правда кои, како што рече, за една година испорачале нула реформи и закони, а единствено министерство кое испорачало нешто било тоа за дигитална трансформација, со реформи, кои според Филипче биле подготвени за време на претходната влада на СДСМ.
„Очигледно е дека се повеќе се интересираат на скапите кредити наместо за бесплатните средства коишто се поддршка за реформите кои ги бараат граѓаните. Имаме историски најслаба реализација на тие реформи што јасно укажува дека реформи со оваа влада во државава нема да има“,
кажа лидерот на СДСМ.
Заокружувајќи го своето обраќање, тој рече дека прашањето кое сите дома треба да си го поставиме е „дали со ваквите потези кои се прецизно нотинари во извештајот на Европската Унија, европската интеграција останува само декларативна заложба на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ или можеби работат на некоја нова алтернатива, нов правец во кој се движиме“.