Во однос на закочените евроинтеграции, тој вели дека Европа јасно дала до знаење што треба Македонија да направи за да почне со отворање на поглавјата, а во оваа смисла рече дека СДСМ уште лани ја поддржало владата за изнаоѓање добро решение и гаранција дека понатаму нема да има никакви блокади. Добра основа за дебата меѓу политичките чинители, како што рече, може да биде предлог-резолуцијата предложена од СДСМ
Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија во 2025 година е практично најлошиот што сме го добиле изминатите десетина години – оцени лидерот на СДСМ, Венко Филипче, давајќи свој осврт и коментар на извештајот за напредокот на земјава.

„Објавувањето на Извештајот за напредокот со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО-ДПМНЕ успеа за една и пол година да нè стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите. Чекоревме паралелно со Албанија, a еве гледаме сега Албанија како со крупни чекори оди напред“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Освен стагнација, лидерот на СДСМ додаде дека земјава има уназадување во неколку области. Извештајот, како што рече, потврдува дека државата е во застој, реформите се блокирани, а институциите парализирани.
„Ако добро се погледне извештајот пораката од него е јасна – не постои напредок во ниту една област, дури и таму каде што има технички активности нема никакви резултати. Не само што тапкаме во место туку и се враќаме назад. Ова не е проблем на ЕУ и не значи дека нас некој не спречува да работиме, туку е знак за тоа дека Владата нема волја, желба и капацитет да ја сработи работата и да го испорача тоа што е во интерес на граѓаните и државата“,
додаде Филипче.
Во однос на закочените евроинтеграции на земјава, тој вели дека Европа јасно дала до знаење што треба Македонија да направи за да почне со отворање на поглавјата, а во оваа смисла рече дека СДСМ уште лани ја поддржало владата за изнаоѓање добро решение и гаранција дека понатаму нема да има никакви блокади.
„Сметам дека нашата предлог-резолуција е добра основа да седнеме да дебатираме. Потенцирав дека тоа е предлог-верзија, очекувам фидбек иако до сега немам добиено од ниту една партија иако е доставено до сите парламентарни политички партии. Мислам дека е редно да седнеме на маса да видиме како ќе се движи тој процес и да разговараме на темата. Ние можеме да ги идентификуваме причините кои нè држат во место, но на маса е понудата која што е, а регионот оди сериозно напред. Ќе останеме слепо црево на Балканот“,
додаде тој.
Во извештајот на ЕК за напредокот на земјава кој беше објавен вчера, меѓу другото, се нотира дека не се направени обиди за усвојување на уставните измени наведени во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година за вклучување други заедници, како бугарската, во Уставот. Во оваа насока се додава дека парламентот на С Македонија треба да ги забрза потребните реформи за процесот на интеграција во ЕУ.
