Филипче додаде дека Реформската агенда е уште еден индикатор дека оваа Влада не работи ништо

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, вели дека изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека земјава децении ќе чека за европскиот пат е признание дека оваа Влада не сака во ЕУ.
„За жал, вистината е разочарувачка. Немојте ништо да очекувате од европскиот пат. Ама буквално ништо. И тоа не го кажувам јас, тоа го кажува премиерот Христијан Мицкоски. Човекот вика дека, ако треба, децении ќе чекаме за Европа. Што можеме да очекуваме после таква експлицитна изјава во јавноста дека оваа влада нема да направи ниту еден чекор кон Европа?“,
рече Филипче одговарајќи на прашање во Собранието каде денеска продолжи дебатата „Гласот на граѓаните во Собранието: Национална дебата за улогата на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ“.
Во тој контекст, Филипче додаде дека Реформската агенда е уште еден индикатор дека оваа Влада не работи ништо. Според него, минатата година требало да се донесат десетина закони во сферата на правосудството, но, вели дека бил донесен само еден. И тоа, додава тој, бил донесен со парцијално имплементирани насоки од оценската мисија на Европската Унија.
Тој вели дека Собранието не може да направи ништо кога „Владата не продуцира и не праќа никакви закони“
Филипче вели дека понудиле заедничка работа на реформската агенда и формирале работна група, а од Министерството за правда им биле пратени законите за кои како партија дале експертско мислење.
„Дадовме наше експертско мислење, нашите експерти дадоа не политичко, туку експертско мислење за законите за правосудство. Никој не одговори на мислењата што ги пративме во Министерството за правда. Нема одговор. Десет закони од реформската агенда се врзани со финансии од Европа“,
рече Филипче.
Според него, додека не се смени мислењето на оваа Влада земјата нема да направи чекор напред кон Европската Унија.
„А мислењето нема да се смени – и апропо тоа, додека не се смени владата – ние нема да направиме никаков чекор напред кон Европската Унија. Односно, Собранието не може ништо да направи кога материјалите, реформските закони од Владата едноставно не стигнуваат до телата, до комисиите во Собранието“,
додаде лидерот на СДСМ.
Филипче додаде и дека со оваа партиска структура во власта, со лажна кампања европскиот пат е запрен, младите се иселуваат, вадат бугарски пасоши и така ВМРО-ДПННЕ го остварува националниот интерес.
„Луѓето мора да знаат дека во позадина на блокирањето на овој европски пат се само интересите на оваа власт, да нема никаков прогрес за може да владее без контрола, да прави притисок врз правосудството. Кој премиер кажува и управува со обвинители судии, дискредитира од јавна говорница и кажува какви чувства има во Европа. Кој премиер го прави тоа? Каде има јавен сервис под контрола на партиски човек на МТВ? Каде има ваков систем на партизација на институции? Не го сакаат тоа луѓето“,
кажа Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски на крајот на минатиот месец, одговарајќи на новинарско прашање за европскиот пат на Македонија, рече оти актуелната Влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес.
Мицкоски рече оти државата се наоѓа во незавидна позиција поради лошите и криминални политики на претходното раководство, кое, според неговите зборови, го донело „слонот во собата“. Сепак, премиерот е категоричен дека нема да прифати процеси кои директно удираат врз македонскиот идентитет, а притоа не нудат предвидливост за државата.
