Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека се надева оти организаторите на протестот, кој е закажан за 16 мај во Скопје, ќе се премислат и ќе го одложат.
Тој потенцираше дека е од исклучителна важност сега кога ситуацијата со коронавирусот спласнува, граѓаните да издржат уште малку и да не се групираат за да не придонесат до нови пациенти со ковид-19.
„Искрено верувам дека организаторите ќе го откажат протестот, заради тоа што сакам да се свесни. Би сакал и да поразговарам со организаторите да видам зошто сметаат дека треба да се укине полицискиот час и да ги презентираме вистинските научни аргументи зошто тоа го правиме. Ако дојде сепак до таков протест, верувам дека соодветните институции ќе интервенираат да биде барем со соодветните мерки, носење маски и да биде на дистанца“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање поврзано со протестот закажан за в сабота.
Тој рече дека воведените рестриктивни мерки доведува до тоа да има многу малку пациенти со ковид-19 и овозможи здравствениот систем да се справи со ситуацијата.
„Искрено се надевам дека граѓаните се свесни дека овие рестриктивни мерки, оној целосно затворен викенд за Велигден, сериозно долгиот полициски час неколку недели. После тоа соодветното димензионирање на полицискиот час во викендите што следеа, практично нè донесоа до тоа да имаме многу малку пациенти. Знам дека е тешко и им благодарам на граѓаните и им честитам што издржаа, заради тоа што тоа беше вистинска инвестиција во сопственото и во колективното здравје“,
рече Филипче.
Протестот насловен како „Стоп 5Г и вакцините“, кој е закажан за 16 мај, сабота, е во организација на група граѓани, а во најавата на Фејсбук се вели дека ќе започне од 12:30 часот од Сајмиште во правец кон Владата.