Прашан дали СДСМ ќе учествува во работната група за Изборниот законик, лидерот на опозициската партија изјави дека каква било промена на Изборниот законик треба да биде резултат на една широка дискусија и тоа да биде донесено со консензус
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека интензивно работи на внатрепартиската реконструкција која, како што повтори денеска, треба да биде целосно завршена во следните две недели.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој кажа дека во врска со ова прашање деновиве имал многубројни состаноци и координации.
„Јас интензивно работам на тоа поле изминативе денови, многубројни состаноци, многубројни координации, така што во следните две недели целокупниот процес ќе биде завршен“,
изјави Филипче.
За потсетување, во вторникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија соопштија дека на седница на Извршниот одбор на партијата, на предлог на лидерот Венко Филипче, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари и сите членови на Извршниот одбор поднеле оставки.
Во врска со одлуката, оттаму наведоа дека со неа е отворено ново поглавје во партијата, насочено кон кадровско освежување и зајакнување, како и вклучување нови лица и внатрешна мобилизација.
Од опозициската партија додадоа дека на една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата, а за функциите, како што кажаа од Бихаќска, ќе се избираат најкомпетентни личности.
Прашан во врска со иницијативата за анкетна комисија на владиното мнозинство на која ќе се разгледуваат сите трагедии, Филипче изрази жалење што власта не се одважила да даде поддршка на барањето на семејствата на загинатите и повредените деца, односно да се формира посебна комисија за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Социјалдемократите поддржани од Левица и пратениците од „Европскиот фронт“ поднесоа иницијатива за формирање таква комисија, но за неа не гласаа пратениците од владејачкото мнозинство. Од другата страна, пратениците на СДСМ и нивните колеги од другите опозициски партии го поддржаа и гласаа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН за анкетна комисија на која ќе се дискутира за постапувањето на институциите за пожарот во Кочани, но и за оној во модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи на „Дурмо турс“ и Беса транс“.
„Реков уште на почетокот ќе поддржиме било која иницијатива за дискусија, на било која тема во Собранието, и така ќе постапиме. Ќе учествуваме на било која седница, на било која комисија во Собранието. Ние ја гласавме таа иницијатива која што со трик дојде како што многу често се случува во Собранието на прво место за гласање на дневниот ред. Нашата иницијатива ја вратија со забелешка, намерно, иако немаше простор за тоа, за да дојде втора. Еве ја поддржавме нивната иницијатива, зошто сакаат се да изрелативизираат. Зошто не направија анкетни комисии за сè што сакаа до сега? Можеа да го направат тоа“,
рече Филипче.

Прашан дали СДСМ ќе учествува во работната група за Изборниот законик, лидерот на опозициската партија изјави дека било каква промена на Изборниот законик треба да биде резултат на една широка дискусија и тоа да биде донесено со консензус.
„Добро е да има експерти и добро е да се слушнат барањата на сите политички партии, да се согледаат мислењата, да се споделат мислењата на сите и да се донесе едно солидно решение имајќи ги предвид сите сугестии, вклучувајќи ги и оние од меѓународните институции“,
кажа Филипче.
