Филипче најави дека вечерва ќе се одржи состанок на Извршниот одбор на СДСМ, на кој ќе соопшти дел од плановите за кадровски и политички промени во партијата
Кандидатот за градоначалник на скопската општина Аеродром, Александар Трајановски, ќе биде назначен за нов потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Ова на денешната прес-конференција го соопшти лидерот на партијата, Венко Филипче, коментирајќи ги најавените промени во раководството на партијата по резултатот на локалните избори.

„На потпретседателската позиција ќе го номинирам д-р Александар Трајановски, во моментот член на Извршниот одбор. Тој е исклучително посветен на партијата. Имаше одлична кампања на локалните избори и привлече многу внимание. Сметам дека ова ќе биде значајно кадровско зајакнување на ова ниво на партијата“,
кажа тој.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Аеродром. Тој е специјалист ортопед и трауматолог и поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија и реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Досега беше член на Извршниот одбор на СДСМ.
Оваа промена доаѓа откако по вториот изборен круг од локалните избори, поднесе оставка една од потпретседателите на СДСМ, Ана Чупеска.
Филипче најави дека вечерва ќе се одржи состанок на Извршниот одбор на СДСМ, на кој ќе соопшти дел од плановите за кадровски и политички промени во партијата.
„Внимателно одиме низ овој процес, за што барам трпение од членовите и симпатизерите“,
рече лидерот на СДСМ.
Лидерот на опозицискиот СДСМ негираше дека понудил место во раководните позиции на партијата на ексградоначалник и доктор, и дека бил одбиен. Овие шпекулации ги оцени како кафеански муабети пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа е апсолутна невистина. На никого не сум понудил некаква функција, нема таков човек што некаква понуда одбил. Нема поранешен градоначалник. ВМРО-ДПМНЕ наместо да се занимава со суштински проблеми во државата, како образованието, земјоделството, здравството, се занимава со вакви кафански муабети и да прави дефокус“,
вели тој.
На прашањето дали има поделби во партијата, рече дека нема никакво раслојување, туку напротив, единство.
