Филипче во објава на Икс иронично наведува дека извештајот на „Репортери без граници“, според кој Македонија назадува за три места во однос на слободата на медиумите, е уште еден доказ дека медиумската мрежа во служба на премиeрот „исполнува“ една од клучните реформски точки на европскиот пат на државата
На неговите наводи, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека тој има најмалку право да говори за слободата на медиумите и за извештајот на „Репортери без граници“ бидејќи, како што велат од владејачката партија, нема медиум, портал и новинар со кои не се скарал
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, преку објава на социјалните платформи го искоментира падот на Македонија за три места на Индексот за слобода на медиуми на „Репортери без граници“, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски за ваквата состојба.

Филипче во објавата иронично наведува дека извештајот на меѓународната организација е уште еден доказ дека медиумската мрежа во служба на Мицкоски „исполнува“ една од клучните реформски точки на европскиот пат на државата.
„Со Мицкоски, Македонија падна за три места на Индексот за слобода на медиуми на ‘Репортери без граници’. Сега сме во групата земји со ‘проблематична состојба. Ова е уште еден доказ како Орбановата медиумска мрежа во служба на Мицкоски ‘исполнува’ една од клучните реформски точки за ЕУ – слобода на медиуми. Браво! Доаѓа времето на вистината“,
вели Филипче во објавата на социјалната платформа Икс.
Со Мицкоски Македонија падна за 3 места во Индексот за слобода на медиуми на Репортери без граници. Сега сме во групата земји со „проблематична состојба“.
— Venko Filipce (@VFilipche) April 30, 2026
Ова е уште еден доказ како Орбановата медиумска мрежа во служба на Мицкоски „исполнува“ една од клучните реформски точки за… pic.twitter.com/6yX2qSYqIw
На неговите наводи реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде преку писмено соопштение велат дека тој има најмалку право да говори за слободата на медиумите и за извештајот на „Репортери без граници“ бидејќи, како што наведуваат од владејачката партија, нема медиум, портал и новинар со кои не се скарал.
„Односот на Филипче и СДС, по насока на пиар-шефот на куќниот пријател на (Зоран) Заев, Зоран Башановиќ, кон медиумите е крајно арогантен, срамен и во одредени случаи и безобразен. Филипче треба да си стави прст на чело и да размисли што прави со новинарите и медиумите и дали тој негов однос е правилен. Доколку смета дека така треба, следната година уште надолу ќе одиме“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓународната организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз денеска го објави Индексот за слобода на медиумите за 2026 година, според кој Македонија е рангирана на 45. место или три позиции подолу од лани, а девет во споредба со 2024 година.
Како што може да се види од извештајот, Македонија бележи пад во сите пет индикатори кои ја одредуваат позицијата, а кои се однесуваат на политичкиот контекст, економските услови, законската рамка, општествените околности и безбедноста на новинарите.
Земјава има вкупен скор 69,77 индексни поени, за разлика од лани кога бројката беше 70,44 поени, што ја рангираше Македонија на 42., со генерална оценка „задоволително“, додека годинава земјава се наоѓа во друштвото на земји каде што состојбата со медиумите описно е оценета како „проблематична“.
Во општата оценка за Македонија, во извештајот на „Репортери без граници“ се наведува дека иако новинарите во земјава не работат во непријателска средина, сепак, широко распространетото дезинформирање и недостатокот на професионализам придонесуваат за пад на довербата на општеството во медиумите, а ваквата ситуација, како што се додава, ги изложува независните медиуми на закани и напади. Дополнително се нотира и дека владините претставници имаат тенденција да имаат лош и понижувачки став кон новинарите.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка и финансиска независност“,
се наведува во извештајот на „Репортери без граници“ во однос на политичкиот контекст.
