Филипче предупреди дека доколку актуелната политика на одбивање реформи продолжи, постои реален ризик државата да биде вратена назад во евроинтегративниот процес

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на Националната конвенција за Европската Унија ја критикуваше Владата, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија е најлош за земјата во последните повеќе од десет години и претставува сериозен аларм за застојот во евроинтеграциите.
Филипче предупреди дека доколку актуелната политика на одбивање реформи продолжи, постои реален ризик државата да биде вратена назад во евроинтегративниот процес.
„Јасно е констатирано во извештајот дека изминатата година реформи нема. Единствен полош извештај е 2015 година, кога сме оценети како заробена држава, но власта и сега тоа го прави“,
рече Филипче.
Тој нагласи дека застојот во спроведувањето на реформите значи дека билатералното прашање со Бугарија можеби нема да остане единствениот услов за напредок во процесот.
„Можно е да не биде единствен услов решавањето на билатералниот проблем со еден од соседите. Зошто? Затоа што не сме спремни. Нема никакво придвижување, ништо во делот на подготовките за отворање на кластерите, особено на првиот – Fundamentals“,
изјави претседателот на СДСМ.
Според него, дури и ако уставните измени се изгласаат веднаш, земјата нема да може да ги почне преговорите бидејќи недостасуваат трите клучни патокази за владеење на правото, демократските институции и јавната администрација.
Лидерот на СДСМ го критикуваше и недостатокот на резултати во клучните реформски области, директно нотирани во извештајот на Европската комисија.
Во извештајот, рече Филипче, нотирани се сериозни слабости во правосудството, борбата со корупцијата, слободата на медиумите и во работењето на Собранието.
Во делот на правосудството Филипче вели дека не се спроведуваат препораките за правосудството, односно не е донесен Законот за парнична постапка, ниту е зајакната улогата на Судскиот совет и АКМИС-системот.
Тој посочи дека е заглавена и борбата против корупцијата, со драстичен недостиг на политичка волја и ресурси.
„Не е донесен нов Кривичен законик и доцни имплементацијата на антикорупциската стратегија“,
кажа Филипче.
Според него, во делот слобода на медиумите е постигнат само ограничен напредок, со препораки за законски измени, особено за транспарентноста на сопственоста на медиумите.
Филипче се осврна и на критиките упатени за функционирањето на Собранието, каде, според него, се задушува дебатата и се бега од отчетност.
Во обраќањето посочи и дека Владата доцни со спроведување на обврските поврзани со економските критериуми.
Застојот, според Филипче, е уште посериозен бидејќи се случува во време кога Европската Унија испраќа „јасни сигнали дека има волја да се стави акцент на процесот на проширување“.
Тој го наведе примерот со Данска, која од скептик станала поддржувач на проширувањето.
„Јасни се сигналите од Европската Унија дека има волја да се стави акцент на процесот на проширување. На минатиот состанок кога беше присутна амбасадорката на Данска, ги образложуваше приоритетите на данското претседателство со ЕУ и јасно кажа: ние бевме најголеми скептици за проширувањето, а сега даваме зелено светло и ги поддржуваме сите земји кандидати да продолжат со реформите, затоа што проширување евидентно ќе има“,
кажа Филипче и предупреди дека Владата го компромитира патот на земјата кон ЕУ.
Во својот говор, во салата под големата купола на зградата на законодавниот дом, собранискиот спикер Африм Гаши во поголемиот дел се задржа на Извештајот на Европската комисија за С Македонија, осврнувајќи се на позитивните оценки во него, но и на нотираните забелешки во делот на реформските процеси и уставните измени.
Во однос на уставните измени, тој кажа дека тие се меѓу главните забелешки во извештајот и оти несомнено остануваат и главен предизвик во оваа фаза од процесот. Но, како што додаде, ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на европскиот пат на земјава.
Тој своето обраќање го заокружи со пораката дека „нашиот натпревар не треба да се одвива во реториката, туку во изнаоѓање на заеднички решенија за заедничките интереси“.
Амбасадорката на Кралството Холандија во земјава, Олзем Џанел, која, исто така, имаше свое обраќање на настанот рече дека извештајот на ЕК јасно дал до знаење каде државите кандидатки за членство напредувале, а каде нема напредок.

Во однос на земјава рече дека Холандија го дели ставот со Европската комисија дека уставните измени треба да се донесат и да се заврши спроведувањето на потребните реформи во клучните области.
„И затоа мојата главна порака е ајде да не губиме скпоцено време. За Северна Македонија клучниот предизвик е да се отклучи формалниот почеток на преговори. Ние го делиме мислењето со ЕК дека овие уставни измени треба да се извршат и спроведат и посебно за Македонија и за регионот е важно да се заврши спроведувањето на потребните реформи и конкретните области се владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, но и реформите во јавната администрација“,
рече Џанел.
Во однос на реформите, на идентична линија со Џанел беше и амбасадорката на Словачка во земјава Ивета Хрицова, која кажа дека реформите се од клучна важност за европските интеграции, а дека владеењето на правото е клучна точка на пристапувањето во ЕУ.
