На Клиниката за Урологија утрово започнаа две трансплантации на бубрези од починат донор. Од министерството за за здравство информираат дека експлантацијата на органите завршила во доцните ноќни часови, а благодарение на хуманоста на семејството на донорот и нивната одлука да се донираат органите, двајца пациенти на дијализа добиваат шанса за нов живот.
Министерот за здравство Венко Филипче на „Фејсбук“ ја објави информацијата за трансплантациите и се заблагодари на семејството.
„Благодарение на хуманоста на семејството на донорот двајца пациенти на дијализа добија шанса за нов живот. Неизмерна благодарност до ова храбро семејство кое уште еднаш ни покажа дека е возможно живот да се подари“
напиша Филипче.
Ова е четврта по ред трансплантација од месец април до сега. Само во 2021 година се направени три трансплантации на срце и осум трансплантации на бубрези од починат донор.