Може да се изменаџира ангажманот на здравствените работници во избирачките одбори, смета министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој посочи дека здравствените работници работат по систем на ротација и дека доколку се појави некаков проблем ќе може да се најде решение.
„Мислам дека доколку има потреба и доколку се потребни на работните места каде сега се целосно ангажирани, на третман на пациентите со ковид-19, во оној систем на ротација може да се ослободат. Не работат сите лекари и здравствени работници цело време. Тие ротираат. Oколу 3 000 здравствени работници се членови на избирачките одбори избрани во 2016 година. Тие луѓе веќе имаат искуство и дополнително може да имаат искуство и во советите за превентивните мерки што ќе треба да се спроведат на гласачките места. Во разговорот претставниците на ДИК рекоа дека бројот на барање за изземање е многу сличен на сите претходни изборни активности. Меѓутоа, мислам дека овој проблем прво не е така голем, меѓутоа ако се наметне, може да се изменаџира и со систем на ротации лекарите да бидат ослободени ако треба“,
објасни Филипче, одговорајќи на новинарско прашање по посетата на Скопскиот аеродром.
Дел од здравствените работници претходно реагираа за нивниот ангажман во изборниот процес. Од синдикатот на Клиничкиот центар денеска ги повикаа институциите да ги тргнат медицинските лица од избирачките одбори, предупредувајќи дека со тоа се ризикува здравствениот систем да се доведе до колапс.