„Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување предвремени избори. СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио“, додаде Филипче
Средба со криминалци нема да има. Нема средба за техничката влада, изјави денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако вчера премиерот Христијан Мицкоски најави дека во текот на денешниот ден ќе упати покани до парламентарните политичките партии за лидерска средба на која теми на дискусија би биле реформските закони и укинувањето на техничката влада што се избира 100 дена пред парламентарни избори.

„Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори. Ова што се случува е сценарио коешто е смислено уште лани, кое јас и СДСМ го разоткривме и јавно го говоревме повеќе од два месеци. Предвремени избори, па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да превеземе мигранти, да земе кредит 6 милијарди евра плус 20 000 фунти по мигрант, како што пренесоа британските медиуми“,
изјави Филипче.
Тој порача „Мицкоски и тендер-коалицијата ВМРО – ЗНАМ сами да си ги распишат изборите кога веќе сè имаат испланирано“. СДСМ нема да биде покритие за ова сценарио, додаде Филипче.
„Техничката влада мора да остане, затоа што власта узурпираше сè. Ги стави канџите во правосудството, презема целосна контрола врз обвинителството, носи измени на Кривичниот законик спротивно од препораките на Европската Унија. Тоа го прави за заштита на криминалот на власта. Донесе резолуција за укинување на слободата на говор на опозицијата, со тоа ја загуши дополнителна демократијата и донесе Закон за полиција за целосна партизација и за бркање на професионалците. И за сето ова во текот на утрешниот ден ќе организираме брифинг на којшто ќе ги соопштам во детали работите кои што се прават во правосудството со поднесените предлог-закони. Да не беа овие чекори, можеби и можеше да се разговара, но ова е класична мафија“,
нагласи лидерот на СДСМ.
Според него, скцијата на Соединетите Американски Држави и Законот за Западен Балкан, каде што фокусот е на борбата против криминалот и корупцијата, ги забрзале работите.
„Зошто постои потреба токму на најголемиот празник, на Божиќ, да се пласираат такви политички вести? Очигледно е дека се разоткриени пред целиот свет. Постојат најави за црни листи, за санкции на политичари од целиот регион коишто ќе бидат објавени овој или наредниот месец. Мицкоски повикува на средба, а до вчера нè обвинуваа секој ден, бараа да си заминам од СДСМ, измислуваа за мене приказни – Дубаи, Харис Џиновиќ, Сент Мориц, секој ден лажни вести, навреди додека со службите ме следат. Дури и во СДСМ од внатре се обидоа да ја рушат партијата. И сега средба? Па, дали мислат дека и јас и СДСМ сме наивни? Средба нема, техничката влада останува“,
дециден беше Филипче.
Премиерот Мицкоски, како што посочи вчера во телевизиско гостување, очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат неговата покана за лидерска средба, а дневниот ред, како што додаде, може да биде проширен и дополнет со предлози од другите партии.
Премиерот, исто така, очекува лидерствата на парламентарните партии и коалиции да постигнат консензус околу клучните прашања за државата, на кои би се дискутирало на средбата.
