Тој нагласи дека платите и надоместоците за дежурства биле зголемени токму за да им се овозможи достоинствен живот на лекарите

Мизерно и срамота како еден универзитетски професор да кажеш дека докторите работат на еликсири. Ова е коментарот што денеска лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, го даде на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски кој од собраниската говорница рече дека имало доктори што биле на некакви еликсири и затоа заработувале многу пари.
Поранешниот министер за здравство Филипче реагираше на овие тврдења бранејќи го достоинството на својата фела.
„Христијане, за разлика од тебе, кој цел живот ништо не си работел, ние сме работеле и сме дежурале по 24 часа и повеќе денови континуирано. Мизерно е и срамота е како еден универзитетски професор да кажеш дека докторите работат на некакви еликсири“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека платите и надоместоците за дежурства биле зголемени токму за да им се овозможи достоинствен живот на лекарите.
„Ти не си тој што ќе каже колку докторите треба да заработуваат поради тоа што тоа е работна навика, тоа е посветеност за спасување животи, за унапредување на нашиот здравствен систем“,
додаде Филипче.
Премиерот Мицкоски вчера искритикува дел од здравствените работници тврдејќи дека постојат случаи каде што поединци книжат дежурства кои теоретски се невозможни, со цел да стигнат до месечни примања и над 10 000 евра.
„Наоѓаат начин преку еден чуден нов изум или еликсир на континуирана работа, книжејќи си дежурства, да добиваат примања и над 10 000 евра. Има случаи каде луѓе успеале да работат 31 ден во месецот, по 24 часа, без одмор и пауза“,
изјави Мицкоски.
Тој додаде дека ова не е само системски проблем, туку прашање на лична одговорност и самосвест и посочи дека некои доктори додека се на дежурство во државните установи, истовремено прегледуваат и во приватни болници.
