Лидерот на опозициската партија ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за притисоци и закани по работните места на гласачите, особено, како што рече, на членовите и симпатизерите на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, информира дека како партија до Државната изборна комисија (ДИК) и до набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР доставиле пријави за изборни притисоци и нерегуларности од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Филипче ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за притисоци и закани по работните места на гласачите, особено, како што рече, на членовите и симпатизерите на СДСМ.

„Понатаму, поткуп и обиди за поткуп, дури и на самите гласачки места. Дополнително, компании биле принудувани да присуствуваат на одредени настани. Сметам дека тоа не е во духот на демократијата. Сите овие забелешки ги доставивме и до ДИК и до набљудувачката мисија на ОБСЕ“,
изјави Филипче одговарајќи на новинарски прашања по посетата на крушевското село Јакреново.
За разлика од власта, оцени дека СДСМ водел чесна и искрена кампања.
„Имаме многу позитивна кампања. Имаме добри програми, нашите градоначалници практично имаат помеѓу 90 и 100 проценти реализација на своите проекти за разлика од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ кои немаат реализирано ниту 20 проценти од проектите“,
додаде Филипче.
