Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус
Вкупно 1 431 пациент заболени од ковид-19 досега се лекувале со крвна плазма, информира министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска се сретна со дел од дарителите на ковалесцентна плазма.
„Овие хумани луѓе се само мал дел од дарителите на ковалесцентна плазма, кои со својата несебичност спасуваа човечки животи во пандемијата“,
порача Филипче.
Филипче посочува дека на Институтот за трансфузиологија од вкупно 1 637 оздравени пациенти досега се обезбедиле 1 732 единици на ковалесцентна плазма за третман на пациентите со најтешка форма на болеста.
„Чест ми е што денеска имав можност да се сретнам со неколкумина од нив и лично да им изразам почит за нивната хуманост“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Од Министерството за здравство потсетуваат дека Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19.
Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.