Освен ДДВ-то за храна, за горива, акцизите за горива треба и преполовување на цените на патарините. И второ, владата сериозно да ги разгледа опциите за зголемување на државните резерви на нафта. Да не се соочиме во следните месеци, имајќи ги предвид укажувањата на светските експерти во оваа област, со недостаток на горива, кажа на денешната прес-конференција Филипче
Во пресрет на утрешната вонредна владина седница, на која премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се намалат акцизите на горивата и ќе се дискутираат други мерки поврзани со кризата, лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели власта доцни со интервенирање. Тој сподели податоци за раст на цените кои ги анализирал аналитичкиот тим на партијата и обвинува дека граѓаните се оставени сами да се справуваат со кризата.
„Имено, цените на двата главни типа на нафта, според кои се одредува цената во светот, Brent Crude и WTI, од 27 февруари до денес драстично се пораснати, од 50,72, односно 63,67%. Понатаму, во истиот период, цената на дизелот кај нас порасна за 34,5% или од 71 до 95,5 денари. Предупредувавме, ќе повторам, од самиот почеток дека растот на цените ќе повлече раст на сè друго во државата. Од транспорт, бизнисот на компаниите, најмногу тоа што граѓаните веќе го чувствуваат, растот на основните прехранбени продукти. Тие беа и така високи, сега се дополнително се вивнаа нагоре, и со тоа, кај нас храната. Пред кризата, белиот сечкан леб од 500 грама беше 34, сега 47,5 денари во некои маркети. Зејтинот од 77,5 на 110 денари. Јајцата од 220 на 290 денари, брашното од 40 на 52,5 денари, млекото со 3,2% масленост од 67,5 на 82,5 денари. Драстичен раст на цените има на зеленчукот и овошјето. Доматите од 130 на 235 денари, домашните јаболка од 45 на 70 денари. Ова е доказ дека граѓаните се оставени сами да се справуваат“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој обвини дека ниту премиерот, ниту кој било во владата нема желба, ниту капацитет, да ги ублажат ценовните шокови.
„Да ги прифатеше пред неколку недели, немаше да има вакви ценовни шокови за граѓаните, ниту пак други продукти и други сегменти ќе беа во ризик да поскапат цените, како што е тоа случај сега. Освен ДДВ-то за храна, за горива, акцизите за горива треба и преполовување на цените на патарините. И второ, владата сериозно да ги разгледа опциите за зголемување на државните резерви на нафта. Да не се соочиме во следните месеци, имајќи ги предвид укажувањата на светските експерти во оваа област, со недостаток на горива“,
посочи Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на утрешната вонредна владина седница ќе се коригираат акцизите на горивата, и дека мерката 10% ДДВ, ќе биде продолжена за уште две недели.
