Аргументирајќи го предлогот, лидерот на СДСМ се повика на најавите од комесарот за енергетика и домување на Европската комисија (ЕК), Ден Јоргенсен, за продолжен енергетски шок и можен недостиг на количини на горива насекаде во Европа
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција, што уследи по изјавата на премиерот во која тој најави дека утре на вонредна Владина седница ќе се коригираат акцизите на горивата и ќе се дискутираат други мерки за ублажување на кризата, упати апел до Владата да се разгледа и опцијата за зголемување на државните резерви на нафта, како еден од клучните чекори за заштита на граѓаните од ценовни шокови.

Аргументирајќи го предлогот, тој се повика на најавите од комесарот за енергетика и домување на Европската комисија (ЕК), Ден Јоргенсен, за продолжен енергетски шок и можен недостиг на количини на горива насекаде во Европа.
„Значи, не само високи цени на светските берзи, туку и недостиг на количини на горива. Оттука апелирам на две работи. Апелирам Владата да се свести, премиерот да почне да живее во реалноста, тука кај нас, да престане вака дилетантски да ја води Владата, барем малку да се замисли, и да помисли како живеат граѓаните и и да ги прифати нашите предог-мерки, сега, иако е касно – колку-толку ќе имаат некој ефект. Да ги прифатеше пред неколку недели, немаше да има вакви ценовни шокови за граѓаните, ниту, пак, продукти и други сегменти ќе беа во ризик да поскапат цените, како што е тоа случај сега. Освен ДДВ за храна, за горива, акцизите за горива, треба и преполовување на цените на патарините. И, второ, Владата сериозно да ги разгледа опциите за зголемување на државните резерви на нафта, да не се соочиме следните месеци, имајќи ги предвид укажувањата на светските експерти во оваа област за недостаток од горива“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ во таа насока додаде дека цените на горивата, како што се двата главни типа нафта – „брент круд“ (Brent Crude) i WTI, во периодот од 27 февруари до денес пораснале драстично. Цените, како што наведе, се пораснати за 50,72 отсто, односно 63,67 отсто, посочувајќи дека ова е директна причина за растот на цените на дизелот, кои, според Филипче, кај нас пораснале за 34,5 отсто, односно од 71 на 95,5 денари.
Тој упати повик до Владата сериозно да ги разгледа и мерките што ги предложи Европската Унија (ЕУ) за намалено користење на возилата и работа од дома. Филипче предупреди и дека блокадата на Ормускиот Теснец го загрозува транспортот на ѓубривата, што може дополнително да ги зголеми цените на храната бидејќи е период на сеидба.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на вонредна владина седница што ќе се одржи утре ќе се коригираат акцизите на горивата, и дека мерката 10% ДДВ ќе биде продолжена за уште две недели. Премиерот најавува обновување на разговорите со ОКТА, со оглед на тоа што нивниот попуст за горивата истекува на 6 април.

На новинарско прашање дали има шанси некои од препораките на ЕУ за штедење да се воведат, Мицкоски рече оти во моментот немаат никакви индиции дека од аспект на волумен би имало потреба од ограничување, како и дека има доволно количини нафта.
„И не само што тоа не го правиме, туку и голем дел од граѓаните од нашите соседи доаѓаат кај нас и ги танкираат резервоарите, односно, своите возила… Имаме доволно количини, сега засега нема никаква потреба“,
рече премиерот Мицкоски.
