Вакцинацијата е единствениот начин да го победиме вирусот, но, за жал, таа не се одвива со посакуваното темпо никаде во светот. Побарувачката на вакцини е огромна, а капацитетите за производство ограничени. Ние правиме сè за да ги зголемиме количините на вакцини во нашата земја, вели министерот за здравство Венко Филипче во своето обраќање по повод 7 Април – Светскиот ден на здравјето.
Во обраќањето тој вели дека верува оти наскоро светот ќе ја надмине малата достапност на вакцини и бара трпение и разбирање додека да се надмине овој период.
„Моја најголема заложба и желба е вакцинацијата да ја завршиме што побрзо. Затоа, сè што е во наша надлежност го направивме исклучително брзо и професионално, а подготовката за вакцинација ја спроведовме навремено и ефикасно. Денес имаме добро поставен и ефективен механизам за вакцинирање кој започна да се спроведува. Искрено, верувам дека малата достапност на вакцини во светот наскоро ќе биде минато, а потоа деноноќно ќе работиме за што пократко време да вакцинираме што поголем број граѓани. Барам трпение, разбирање и почитување на мерките додека да се надмине овој период“,
вели Филипче.
Минатата година кога се одбележуваше Светскиот ден на здравјето бевме на почетокот на пандемијата, а и една година потоа сè уште се бориме против ковид-19, но министерот е уверен дека ова е година на вакцинација и е последна во која ќе живееме со рестрикции.