Лидерот на СДСМ рече дека апсолутно го поддржуваат договорот за стратегиско партнерство со Обединетото Кралство, но ја повика Владата да одговори дали е точно дека со Велика Британија е подготвена да разговара за сместување мигранти во земјава. Дополнително, побара одговори и детали од договорот кој предвидува финансиски заем за кој, како што рече, јавноста ниту поголемите партии немаат доволно детали
Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција побара поголема транспарентност од Владата во однос на најавените договори со Обединетото Кралство, особено за договорот што предвидува финансиски заем за кој, како што рече, јавноста ниту поголемите партии немаат доволно детали.

„Владата има обврска да излезе со детали во однос на овие договори, имајќи предвид дека ваква рамка за олкава сума пари досега нашата земја не потпишала со ниту една институција, со ниту една влада. Станува збор за огромни суми пари, камати што не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации. Огромна сума пари, шест милијарди евра, го надминува дури и нашиот буџет“,
рече Филипче.
Лидерот на опозицијата ја повика Владата да даде одговор за потеклото на парите, за висината на каматните стапки, дали е направена споредба на каматите со Светска банка и другите комерцијални банки, како и за транспарентноста при трошењето на овие средства.
„Зошто повторно влада со влада заем? Повторно преседан. Никогаш во историјата нашата земја не позајмувала на тој начин пари. Се поставува прашањето каква е транспарентноста во трошењето на тие средства. Очигледно е помала кога станува збор за заем, а ќе се спореди со заем којшто се зема од некоја меѓународна финансиска институција, на пример од Светска банка, Европска инвестициска банка итн. За парите коишто стигнаа од Унгарија јавноста нема ама апсолутно никакви информации. Транспарентноста е еднаква на нула. Кои компании ги земаат? На кој начин, по кои критериуми? По кои критериуми ги добиваат општините тие пари? Сметам дека со овие отворени прашања на коишто Владата апсолутно треба да одговори пред вакви договори да се потпишуваат“,
додаде тој.
Од друга страна, Филипче рече дека Социјалдемократскиот сојуз апсолутно го поддржува договорот за стратегиско партнерство со Обединетото Кралство, го поздрави потегот и рече дека пратениците на СДСМ ќе го поддржат овој договор кога ќе дојде моментот за негова ратификација во Собранието. Сепак, ја повика Владата да одговори дали е точно дека со Велика Британија е подготвена да разговара за сместување мигранти во земјава.
Премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер во петокот постигнаа согласност за договор за стратегиско партнерство меѓу С Македонија и Британија. Мицкоски оцени дека постигнатата согласност за договор за стратегиско партнерство на ниво на влади е привилегија бидејќи, како што рече, земјава е можеби една од ретките која има ваков договор со владата на Обединетото Кралство.