Филипче вели дека проекциите покажуваат дека до крајот на годината ќе има само околу 55 проценти реализација на капиталните инвестиции, а тоа какошто рече, значи дека пари што требало да отворат работни места, да донесат развој, ќе останат неискористени
Изнесувајќи ги сите овие податоци, Филипче упати прашања до премиерот и до Владата како планира да ја покрие буџетската дупка од 1,4 милијарди евра до крајот на годината и каде се капиталните проекти што беа најавувани

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изнесе податоци за состојбата на државниот буџет, предупредувајќи дека до крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра за покривање на сите трошоци.
Според Филипче, само 75 дена пред крајот на 2025 година, реализацијата на приходите изнесува 70,78 отсто или 256,5 милијарди денари, додека расходите се на ниво од 72,82 проценти или речиси 294 милијарди денари.
„Со вакво темпо, а тоа е за очекување, на крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра за да се покријат сите трошоци. Тоа е фрапантна и огромна буџетска дупка. Ова значи дека сите овие пари ќе треба да се покриваат со задолжување, со нови оптоварувања за бизнисите и граѓаните, или со кратења кај најважните јавни услуги“,
рече Филипче прашувајќи ја власта што планира да прави и како ќе ги покрива овие 1,4 милијарди евра.
Најниска реализација на капиталните инвестиции
Филипче рече и дека економијата во надолна линија ја влече драматично ниската реализација на капиталните инвестиции.
„Би рекол, историски најниска реализација. Заклучно со септември, реализирани се само 43,78 отсто од предвидените средства, или 20,7 милијарди денари. Тоа значи дека оваа ќе биде уште една изгубена година за капитални проекти. Проекциите покажуваат дека до крајот на годината ќе имаме некаде околу само 55 проценти реализација на капиталните инвестиции. Тоа значи дека пари што требало да отворат работни места, да донесат развој, ќе останат неискористени. Овие бројки покажуваат дека оваа влада нема капацитет да ги реализира ниту сопствените планови и проекти, она што самите се обврзале да го направат“,
рече Филипче.
Тој рече дека наспроти пораките на власта за некакви економски „успеси“ реалноста е дека Светска банка има проекции за пораст на јавниот долг до 62,9 отсто од БДП, но вели дека и на овие бројки државата има скриен долг од 700 милиони евра.
„Под површината, стои уште еден проблем кој Владата избегнува да го признае. Фискалниот совет предупредува на приближно 700 милиони евра доспеани, а неплатени обврски. Тоа е скриен долг што директно ја уништува ликвидноста на македонските компании“,
додаде тој.
Актуелниот долг го надминува претпандемискиот пик
Филипче изнесе и податоци според кои државата ќе биде најзадолжена земја на Балканот, како и единствена земја во која актуелниот долг го надминува претпандемискиот пик.
„Во последниве 14 месеци, државата се задолжи со нови 1,86 милијарди евра – една милијарда од Унгарија, 836 милиони евра преку аукции на домашни хартии од вредност. Во најава се нови 950 милиони евра надворешно задолжување и 70 милиони од домашни банки. Светската банка веќе проектира дека јавниот долг ќе порасне на 62,9 отсто од БДП – што нè прави најзадолжена земја на Балканот. Ние сме исто така единствена земја во која актуелниот долг го надминува претпандемискиот пик“,
рече Филипче.
Филипче предупреди дека моторот на секоја здрава економија, а тоа се странските инвестиции исчезнуваат.
„Во 2024 година, Владата што ја предводеше СДСМ остави повеќе од една милијарда евра странски директни инвестиции. А, што имаме во 2025? Во првиот квартал 135,8 милиони евра, а во вториот само 75,9 милиони евра. Премиерот, кој неодамна влезе во еуфорија со најави за милијарди, сега молчи. А, токму тоа молчење е најдобриот доказ за економскиот пад“,
рече претседателот на СДСМ.

Говорејќи за економските показатели, Филипче предупреди дека животот во Македонија е најскап од државите во регионот, цените постојано растат, инфлацијата не сопира, а власта упорно се обидува да манипулира со податоците.
„Не можеме да ја игнорираме инфлацијата. Владата се фали со минус 0,2 отсто месечна инфлација, користејќи споредби месец на месец, кои звучат убаво, но немаат никакво значење за потрошувачката кошница, за семејниот буџет, за плановите на бизнисите. Реалната годишна инфлација е околу четири проценти, и таа се чувствува секој ден, имаме најскап живот од сите држави во регионот“,
рече Филипче.
Изнесувајќи ги сите овие податоци, Филипче упати прашања до премиерот и до Владата како планираат да ја покријат буџетската дупка од 1,4 милијарди евра до крајот на годината и каде се капиталните проекти што беа најавувани.
Тој нагласи дека економијата не се води со лажни бројки и ПР-кампањи.
„Економија се води со одговорност кон секој денар, со сериозна стратегија, со стабилност и со план. Ништо од тоа не гледаме од оваа влада. Ако не постои јасна стратегија, ако реалноста се прикрива со лажни индикатори, тоа јасно укажува дека на краток, среден и долг рок оваа власт ќе го столчи и стандардот и економскиот развој“,
рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.