Натпреварот за квалификации за Светското првенство меѓу Бразил и Аргентина вчера беше прекинат по само неколку минути игра
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) доцна синоќа најави дека ќе анализира и потоа ќе заземе став во врска со прекинатиот натпревар од јужноамериканските квалификации за Светското првенство 2022 меѓу репрезентациите на Бразил и Аргентина.
„ФИФА може да потврди дека по одлуката на официјалните лица на натпреварот, дуелот од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) 2022 меѓу Бразил и Аргентина е прекинат. Повеќе детали ќе бидат соопштени дополнително“,
кусо објави ФИФА.
Дербито на јужноамериканските квалификации за СП 2022 што требаше да се одигра во вчера вечер беше прекинато по само три минути игра на стадионот во Саун Пауло поради кршење на ковид-19 протоколите за карантин.

Бразилски здравствени претставници влегоа на теренот и побараа од тројца аргентински репрезентативци, Кристијано Ромеро, Џовани Ло Селсо и голманот Емилијано Мартинез да ги напуштат стадионот и државата поради кршење на правилата за задолжителен карантин.
Бразилската страна соопшти дека тројцата фудбалери, кои настапуваат за англиски прволигаши, дале лажни податоци при влез во земјата и оти мораат да го напуштат Бразил.
Во Бразил во сила е одредба за задолжителен двонеделен карантин за сите патници што доаѓаат од Велика Британија. Поради забрана од своите екипи од Премиер лигата, деветмина бразилски репрезентативци не допатуваа во земјата за натпреварот против Аргентина.
