Помалку ефикасни, помалку стабилни и најчесто краткотрајни владејачки коалиции резултираат со почести предвремени парламентарни избори, уште една честа појава во Македонија и појава кон која структурно актуелниот модел кај нас доста придонесува. Појава за која можеме да се плашиме како политиколози е дека дополнителна пропорционализација на изборниот модел може да претставува уште поголем проблем – вели Кристијан Фидановски, докторанд на „Оксфорд“
Пропорционалните изборни модели како македонскиот знаат честопати да резултираат со многу потешко формирање влада, бидејќи е потребно да се прават поголеми компромиси и понеефикасни владејачки коалиции, што резултира со почести предвремени парламентарни избори, рече во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“ политикологот Кристијан Фидановски – докторанд на Оксфорд и коавтор на анализа за македонскиот изборен модел. Според него, кај политиколозите постои реален страв дека при евентуална дополнителна пропорционализација на изборниот модел (со евентуално воведување една изборна единица) ќе се направи уште поголем проблем.

Според Фидановски, во дебатите за изборниот модел во Македонија, генерално, недостасува разговор за моментот на застапеност. Застапеноста, вели тој, подразбира колку партии ќе има во Собранието, а со тоа, колку ќе биде силна и демократијата.
„Прво, го имаме демосот и тука доаѓа до израз застапеноста – колку демосот е вклучен во донесувањето одлуки во државата и владеењето. Потоа е делот ‘кратија’, односно владеење или добро владеење, ако сакате. Изборниот модел во секоја држава треба да понуди компромис помеѓу овие два дела од зборот демократија. Тоа значи дека треба да се испочитува волјата на граѓаните, а од друга страна, да се внимава на некои демократски исходи“,
вели Фидановски.

Тој вели дека во политичките науки, во различни временски и географски контексти, е докажано дека исклучително пропорционалните изборни модели, како што е македонскиот, честопати резултираат со многу потешко формирање влада, што претставува проблем за Македонија.
„Дополнително, со понеефикасни владејачки коалиции, што повеќе партии има во Собранието, толку повеќе компромиси треба да се прават помеѓу нив. Помалку ефикасни, помалку стабилни и најчесто краткотрајни владејачки коалиции резултираат со почести предвремени парламентарни избори, уште една честа појава во Македонија и појава кон која структурно актуелниот модел кај нас доста придонесува. Појава за која можеме да се плашиме како политиколози е дека дополнителна пропорционализација на изборниот модел може да претставува уште поголем проблем“,
рече Фидановски.
Фидановски, кој е коавтор на анализата за тоа колку е пропорционален македонскиот модел, истакна дека во Македонија има ситуација која структурно гледано, со овој изборен модел, им одговара на помалите партии, а заклучокот од направената анализа е дека Македонија моментално се наоѓа на делба на второто место од 32 европски држави во однос на пропорционалноста на изборниот модел.