Кредитните агенции „Фич“ и „Стандард и Пурс“ во своите најнови прогнози уште еднаш го потврдија кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија.
„Фич“ ја оцени земјава со ББ+ со негативен изглед поради глобалната пандемија на Коид-19, додека „Стандард и Пурс“ со ББ-со стабилен изглед.
Како последица на ковид кризата и проекциите за забавување на глобалната економија, и двете кредитни агенции, предвидуваат пад на БДП во текот на оваа и нов раст во 2021 година. „Фич“ предвидува пад од 4,2 проценти за 2020 и раст од 5,1 отсто во 2021, а „Стандард и Пурс“ пад од 5 проценти оваа и раст од 3,8 отсто во следната година.

Кон крајот на минатиот месец Светската банка прогнозираше пад на економијата во земјава до максимум 3,2 проценти годинава, додека Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) неделава проектираше пад на БДП од 3,5 проценти, по што следната година се очекува земјава да забележи економски раст од 5,5 отсто.
Во реакција на прогнозите на „Фич“ и „Стандард и Пурс“, Министерството за финансии оцени дека тие ги нотирале мерките што ги презема Владата за зачувување на работните места и поддршка за најпогодените индустрии, но и меки регулаторни мерки.
„Како што се наведува и во двата извештаја мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на зголемување на државниот долг кој според проценките на кредитните агенции ќе се приближи до 50 проценти. Заедно со опоравувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит“,
наведе Министерството за финансии, додавајќи дека двете агенции оценуваат дека одлуката на Европската унија за старт на преговорите си земјава, заедно со спроведувањето на реформи, може значително да придонесе за развој на економијата.
„Фич“ и „Стандард и Пурс“ банкарскиот сектор во земјава го оценија како стабилен, исто како и домашната валута за која потенцираат дека има фиксен курс со еврото.
Фич“ и „Стандард и Пурс“ банкарскиот сектор во земјава го оценија како стабилен, исто како и домашната валута за која потенцираат дека има фиксен курс со еврото.
„Фич“ напоменува оти банкарскиот систем има здрави основи и висока ликвидност и е во добра кондиција, што овозможува тој да придонесе за ублажување на шокот од корона кризата, обезбедувајќи кредитна поддршка за македонската економија. Агенцијата смета дека банкарскиот систем е подготвен да ги апсорбира кредитните загуби коишто се очекувани во текот на корона кризата, но истовремено очекува оваа година да има благ пораст на вкупните кредити.
„Стандард и Пурс“ пак наведува дека во услови на неизвесност поради пандемијата, притисоците врз депозитната база биле од краткотраен карактер, како во однос на динамиката, така и во однос на промените во валутните преференции, посочувајќи на трендови на раст девизните резерви и стабилни движења на девизниот пазар.
Народната банка во реакција на прогнозите на двете агенции посочи дека тие потврдиле дека монетарната политика на земјава е соодветна, а банкарскиот систем е здрав и останува стабилен.
