За другите двајца играчи на Шкупи, кои исто така учествувале во инцидентот, е изречена казна забрана за играње во траење од три месеци, додека фудбалер на Брегалница доби забрана за играње на четири натпревари

По инцидентот што се случи на фудбалскиот натпревар меѓу младинските екипи на клубовите Шкупи 1927 и Брегалница 2008 на стадионот во Штип, првостепената дисциплинска комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлуки со кои се казнуваат четворица фудбалери, клубовите и официјалните лица.
Најтешка казна има за играчот на Шкупи, Абдуљи Леарт, кој физички го нападна противничкиот играч и му нанесе сериозни повреди. Според членот 43 од Дисциплинскиот правилник, тој е исклучен од фудбалската организација.
За другите двајца играчи на Шкупи, Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар, кои исто така учествувале во инцидентот, е изречена казна забрана за играње во траење од три месеци.
Играчот на Брегалница, Гоцев Симеон, доби казна забрана за играње на четири натпревари, бидејќи учествувал во инцидентот со груба игра и пречекорена самозаштита.
Од ФФМ велат дека одговорност за инцидентот има и кај клубовите и официјалните лица. Двата клуба, додаваат од ФФМ, сносат организаторска и колективна одговорност за инцидентот.
„За фудбалскиот клуб Шкупи 1927 е поведена дисциплинска постапка поради физичкиот напад на родители/навивачи врз противничките играчи, а санкцијата се однесува конкретно на екипата, помлади пионери која го сторила прекршокот“,
додаваат од ФФМ.
За клубот Брегалница 2008 од ФФМ велат дека е поведена дисциплинска постапка поради лоша организација на натпреварот и пропусти во обезбедувањето.
Дополнително од ФФМ велат дека против Алејса Виши, координатор на млади категории во клубот Шкупи 1927, е поведена дисциплинска постапка поради давање лажни информации и измама, односно внесување на лица во системот на ФФМ кои не биле присутни на натпреварот.
За инцидентот што се случи во саботата на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, претходно денеска од штипскиот Основен суд информираа дека на 43-годишниот родител што за време за натпреварот влезе на теренот и физички нападна двајца малолетни изграчи, определен му е осумдневен притвор.
Од Основното јавно обвинителство Штип нформираа дека е поведена постапка против маж роден 1982 година, осомничен за кривично дело – насилство, кое го извршил за време на фудбалскиот натпревар на стадионот во Штип, со што ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи на тимот на Беласица, нанесувајќи им телесни повреди.
До инцидентот дошло кога судијата во 89. минута од натпреварот му доделил втор жолт картон на играчот на Шкупи кој поради тоа што бил незадоволен од одлуката почнал да се однесува неспортски и со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Потоа на терен влегол неговиот татко и со тупаници и клоци почнал да удира две деца, фудбалери на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди.
По инцидентот имаше реакции и осуда за истиот од страна на Фудбалската федерација на Македонија и Фудбалскиот клуб Брегалница.