Се работи за предлог-закон кој беше усвоен од Владата во јуни годинава, а пред да биде доставен во собраниска процедура беше испратен на оценување во Венецијанската комисија. Со законот, практично, треба да се замени алатката „балансер“ за вработување во јавните институции која Уставниот суд ја укина во октомври минатата година
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи објави дека предлог-законот за правична и соодветна застапеност добил позитивна оценка од Венецијанската комисија. Со ова, како што наведува, се потврдува дека предлог-законското решение е во целосна согласност со европските стандарди и демократски вредности.

Се работи за предлог-закон кој беше усвоен од Владата во јуни годинава, а пред да биде доставен во собраниска процедура беше испратен на оценување во Венецијанската комисија. Со законот, практично, треба да се замени алатката „балансер“ за вработување во јавните институции која Уставниот суд ја укина во октомври лани.
Од кабинетот на Фетаи соопштија дека со законот ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа помеѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. Со усвојувањето на законското решение, како што се посочува, ќе се овозможи правична вклученост во вработувањето во институциите, без нарушување на квалитетот и професионализмот.
„Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, согласно меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“,
додаваат оттаму.
Делегацијата во Венецијанската комисија, предводена од вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, ја сочинуваат и професорите по уставно право Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет при УКИМ и Јетон Шасивари од Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа.
