Мислењето на Венецијанската комисија, како што рече вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, ќе даде меѓународен печат на предлог-законското решение кое е стопроцентно во склоп со Уставот и добрите европски практики
Предлог-законот за правична застапеност деновиве се очекува да биде испратен на мислење до Венецијанската комисија, информира вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи. Мислењето од Комисијата, како што кажа Фетаи на денешната прес-конференција, ќе му даде меѓународен печат на предлог-законското решение кое е стопроцентно во склоп со Уставот и добрите европски практики.

„Во фаза на составување на нацрт-законот ги консултиравме САД, некои европски држави кои имаат вакви практики кај нив на застапеност на различните етникуми во нивните држави“,
рече Фетаи.
Вицепремиерот рече дека законот за правична застапеност нема директно да биде засегнат од вчерашната одлука на Уставниот суд со која се укинаа делови од Методологијата за попис на населението од 2021 година, кои се однесуваат на категориите „резидентно“ и „нерезиденто“ население бидејќи, како што вели, поделбата на општото население на резидентно и нерезидентно не постои никаде во нашите закони и во Уставот.