Обвинителката Фатиме Фетаи, која беше дел од СЈО, денеска и официјално заедно со останатите унапредени обвинители даде заклетва како нов виш обвинител во Скопје.
Таа го оцени како позитивен чекор тоа што обвинителите се бирале на јавна седница, и порача оти очекува засилено темпо во борбата против криминалот, а на колегите од СЈО им посака што побргу да бидат избрани во повисоко обвинителство.
„Очекувам борбата за правда, борба против криминал да продолжи со уште посилно темпо. Меѓутоа сега од една друга поинаква, повисока позиција. Во согласност со потребите на соодветните потреби на јавните обвинителства во државата очекувам и посакувам во најскоро време да бидат избрани и останатите колеги од поранешното СЈО, меѓутоа и други колеги обвинители од другите обвинителства во државата кој со своето работење се докажани како врвни професионалци“,
изјави Фетаи.
Таа даде свечена заклетва заедно со колегите Бурим Рустеми, Наум Паноски, Сашо Рајчев и Снежана Бундалевска-Георгиева откако минатата недела Советот на јавни обвинители ги унапреди за обвинители во Вишото јавно обвинителство – Скопје.
Свечени заклетви денеска дадоа и Лиле Стефанова, Наташа Поп-Трајкова, Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Катерина Коларевиќ, кои, пак, беа избрани за обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција предводено од Вилма Русковска.