„Оваа недела верувам дека ќе седнеме со премиерот како мандатар најдоцна до утре и ќе најдеме заедничко решение“, вели вицепремиерот

Сите во коалицијата ВЛЕН се согласни и го делат мислењето дека по изборот на Изет Меџити за градоначалник на Општина Чаир, на неговото место во Владата треба да дојде нашиот предлог – Беким Сали. Ова го изјави денеска вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, одговарајќи на новинарски прашања за претстојната реконструкција на Владата.
„Изет Меџити имаше две функции во Владата, министер за животна средина и заменик-премиер. Ние сметаме дека треба да предложиме едно име плус, министер за животна средина. Оваа недела верувам дека ќе седнеме со премиерот како мандатар најдоцна до утре и ќе најдеме заедничко решение“,
рече Фетаи.
Вицепремиерот беше прашан и за вчерашната критика на ВЛЕН кон министерката за образование и наука Весна Јаневска, поради настанот што се случи во Тетово.
Фетаи рече дека министерката сама се обратила до јавноста и се извинила за, како што рече, „моменталната реакција“.
Вицепремиерот тука призна и за своето непознавање на државниот јазик.
„Јас можам да кажам дека 35 години живеев надвор и затоа не го знам македонскиот јазик, не сум го учел во училиште, но немам никаков проблем кога ќе го научам македонскиот јазик да се обратам на тој јазик. Мене не ми смета ниту еден јазик, течно говорам четири до пет јазици“,
додаде Фетаи и потврди дека почнал со изучување на македонскиот јазик.
На конференцијата за координација на безбедноста во Западен Балкан, Фетаи се осврна и на актуелната состојба во Македонија. Тој посочи дека главните проблеми, кои се дел и од Извештајот на Европската комисија (ЕК), се судството за кое рече дека со години нема кредибилитет во однос на решавање на судските процеси за криминал и корупција на високо ниво.
„Кризата во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), односно настаните што се случија таму, реформите во правосудниот систем, вклучувајќи промена на Кривичниот законик“,
се дел од предизвиците што ги наведе Фетаи.
Вицепремиерот истакна дека итно треба да се работи на овие три клучни предизвици.
„За време на овие 16 месеци владеење како нова владејачка коалиција и гарнитура ние сме се соочиле со два изолирани случаи за кои веднаш се преземени мерки. Немало некој голем случај на корупција на високо ниво и можам да кажам дека како Влада ние ќе работиме на неселективен начин за сите што ќе згрешат да излезат пред лицето на правдата“,
додаде Фетаи.
За најавената реконструкција на Владата, премиерот Христијан Мицкоски минатата недела рече како партија се фокусирани на партискиот конгрес што треба да се одржи на 6 декември, но оти паралелно со тоа ќе размислува за одредени кадровски поместувања во Владата, доколку има потреба за тоа.
Она што засега е извесно е дека ќе има нови лица на позицијата прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, откако Изет Меџити стана градоначалник на Чаир, како и во ресорот за односи меѓу заедниците, чиј министер Иван Стоиљковиќ влезе во Советот на Општина Куманово како кандидат на Демократската партија на Србите во Македонија, чиј претседател е тој.
Инаку, откако Изет Меџити седна во градоначалничката фотелја, од ВЛЕН рекоа дека негов наследник на позицијата прв вицепремиер во Владата ќе биде Беким Сали, а за министерската функција во Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде предложен друг кандидат.
