Гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, и градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, кои доаѓаат од редовите на демократите, изјавија дека сè уште не добиле официјално известување од федералните власти за операцијата, која ја нарекоа политичка претстава наменета за заплашување
По неколкунеделните најави дека ќе испрати припадници на Националната гарда за борба против криминалот во Чикаго, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека започнала операција во сојузната држава Илиноис, чија цел е, како што се наведува, да се идентификуваат криминалци меѓу илегалните мигранти.

Од секретаријатот за внатрешна безбедност на САД соопштија дека Службата за имиграција и царина почнала со спроведување операција под името „Мидвеј блиц“ (Midway Blitz), без да споделат повеќе детали за нејзиниот обем и конкретни цели.
Дополнително, како што пишуваат медиумите, останува да се види и дали американскиот претседател ќе испрати припадници на Националната гарда за да им помогнат на Службата за имиграција и царина и на другите федерални сили, како што тоа претходно го направи во Лос Анџелес и во округот Колумбија.
"Together, we will all work hard to make our Nation not only productive, but closer in unity than ever before." – President Donald J. Trump pic.twitter.com/V6Z0EvPyLL
— The White House (@WhiteHouse) September 8, 2025
Гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, и градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, кои доаѓаат од редовите на демократите, изјавија дека сè уште не добиле официјално известување од федералните власти за операцијата, која ја нарекоа политичка претстава наменета за заплашување.
Американскиот претседател Доналд Трамп изминатиот период ја засили реториката за зголемување на присуството на федералните органи за спроведување на законот и Националната гарда во градовите и државите предводени од демократите, велејќи дека мора да ги користи претседателските овластувања за борба против криминалот, дури и кога локалните власти известуваат за пад на убиствата и другите кривични дела.
Секретаријатот за внатрешна безбедност соопшти дека најновата операција на Службата за имиграција и царина била неопходна поради законите на градовите и на сојузните држави што ја ограничуваат соработката со федералните имиграциски власти.
Помошник-секретарката за внатрешна безбедност на САД, Триша Меклафлин, изјави дека операцијата била насочена кон осудени членови на банди, силувачи, киднапери и трговци со дрога, кои ги нарече „најлоши од најлошите криминалци нелегални имигранти во Чикаго“.
Во соопштението на Секретаријатот се наведуваат 11 случаи во кои мигрнати илегално влегле во САД, повеќето од нив од Мексико и Венецуела, кои иако биле уапсени или осудени за сериозни кривични дела, потоа биле ослободени од локалните затвори, наместо да бидат предадени на федералните имиграциски власти.
For years, @GovPritzker and his fellow sanctuary politicians released rapists, kidnappers, and drug traffickers on Chicago’s streets—putting American lives at risk.
— Homeland Security (@DHSgov) September 8, 2025
Operation Midway Blitz will surge DHS law enforcement to Chicago to target the worst of the worst criminal illegal… pic.twitter.com/kWoLSyEp9L
Градската советничка Џејлу Гутиерез, која го претставува претежно латиноамериканскиот 14. Округ во југозападниот дел на Чикаго, изјави дека најмалку пет лица од нејзиниот округ биле уапсени во она што таа го нарече „федерална рација“.
Меѓу уапсените, рече Гутиерез, бил и цвеќар кој бил приведен додека бил на работа, а други биле уапсени додека чекале автобус или оделе по улицата.
„Никогаш не станувало збор за апсење на најлошите од најлошите, туку за тероризирање на нашите заедници“,
изјави Гутиерез, која е со потекло од Мексико.