Осомничениот напаѓач е идентификуван од Министерството за внатрешна безбедност како авганистански државјанин Рахманулах Лаканвал. Според информациите, тој дошол во САД во 2021 година како дел од програмата на поранешниот претседател Џо Бајден за преселба на илјадници Авганистанци кои им помогнале на САД за време на војната во Авганистан
Федералното биро за истраги (ФБИ) ги истражува мотивите за нападот што авганистански имигрант го изврши врз двајца војници на американската Национална гарда во близизна на Белата куќа во Вашингтон.

Осомничениот напаѓач, кој е ранет во пукањето пред неговото апсење, е идентификуван од Министерството за внатрешна безбедност како авганистански државјанин Рахманулах Лаканвал. Според информациите, тој дошол во САД во 2021 година како дел од програмата на поранешниот претседател Џо Бајден за преселба на илјадници Авганистанци кои им помогнале на САД за време на војната во Авганистан.
Повикувајќи се на изјава на функционер од администрацијата на Трамп, кој останал анонимен, медиумите пренесуваат дека Лаканвал аплицирал за азил во декември 2024 година и му бил одобрен на 23 април оваа година, три месеци откако Трамп ја презеде функцијата. Немал познато криминално досие.
Пукањето се случи вчера напладне на неколку блока од Белата куќа во Вашингтон. Во престрелката се ранети двајца припадници на Националната гарда на САД кои се во критична состојба, а ранет е и осомничениот напаѓач.
По инцидентот, агентите на Тајната служба ја ставија претседателската резиденција под безбедносна блокада како мерка на претпазливост, а претседателот Доналд Трамп побара распоредување на уште 500 војници од Националната гарда кои ќе им се придружат на повеќе од 2 000 војници претходно распоредени во главниот град.
Пукањето врз припадниците на Националната гарда, според Трамп, е терористички напад.
