Индексот на цените на храната, кој веќе забележа свој максимум во февруари, се зголеми за 12,6 отсто минатиот месец, што, како што соопштува агенцијата, направи огромен скок на ново, највисоко ниво досега
Во март светските цени на храната го достигнаа највисокото ниво на сите времиња бидејќи руската инвазија врз Украина предизвика потреси на пазарите за основни житарки и растителни масла, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
„Светските цени на прехранбените артикли значително се зголемија во март и го достигнаа своето највисоко ниво досега бидејќи војната во регионот на Црното Море предизвика шокови на пазарите за основни житарки и растителни масла“,
се вели во соопштението на ФАО.
Индексот на цените на храната, кој веќе забележа свој максимум во февруари, се зголеми за 12,6 отсто минатиот месец, што, како што соопштува агенцијата, направи огромен скок на ново највисоко ниво досега.
Индексот – мерка за месечната промена на меѓународните цени на кошницата со прехранбени производи, во март изнесуваше во просек 159,3 поени.
Нарушувањето на извозните текови како резултат на руската инвазија и меѓународните санкции против Русија поттикна стравувања од глобална криза со глад, особено на Блискиот Исток и Африка, каде што веќе се чувствуваат последици.
Историски гледано, западноафриканскиот регион во моментов се соочува со најголем недостиг на храна, кој е поттикнат од регионалните конфликти, сушата, но и влијанието на украинската војна врз цените и достапноста на храната, соопштија хуманитарните агенции, а пренесе Ројтерс.
Во регионот моментално има околу 27 милиони луѓе што страдаат од глад, а тој број до јуни би можел да се зголеми на 38 милиони, што е за 40 отсто повеќе од минатата година и е историски максимум, се наведува во заедничката изјава на 11 меѓународни хуманитарни организации.
Русија и Украина кои повеќе од еден месец се во воен конфликт, се меѓу главните снабдувачи со жито во светот и сочинуваат огромен дел од светскиот извоз на неколку главни стоки како што се пченицата, растителното масло и пченката.