Пакловид е комбинација од нов антивирусен лек наречен Нирматрелвир и постар лек кој се вика Ритонавир

Ажурираните резултати на компанијата „Фајзер“ за експериментален третман на коронавирусот покажале дека тие го намалуваат ризикот од хоспитализација или смрт за дури 89 отсто, ако им се дава на возрасни лица со висок ризик во рок од неколку дена по појавувањето првите симптоми на болеста, објави компанијата денеска, пренесуваат повеќе медиуми.
„Фајзер“ се надева дека ќе може да понуди апчиња, под назив Пакловид, за пациенти кои би го користеле за лекување дома уште пред да се здобијат со потешки симптоми на болеста.
Пакловид е комбинација од нов антивирусен лек наречен Нирматрелвир и постар лек кој се вика Ритонавир. По еден месец истражување, било откриено дека пет лица со ковид сепак завршиле во болница, но не бил регистриран ниту еден смртен случај од вкупно 697 луѓе кои го примиле лекот во првите три дена од појавувањето на симптомите.
Помеѓу 682 пациенти кои примиле плацебо, 44 од нив биле хоспитализирани, вклучувајќи и 9 смртни случаи.
Сите возразни луѓе кои учествувале во истражувањето на „Фајзер“ не биле вакцинирани.
Било забележано и дека ако лекот се дава во првите пет дена од појавата на симптомите, ефикасноста била слична – 88 отсто.
„Ова го покажува потенцијалот на овој лек да спасува животи на пациенти од ковид насекаде ширум светот, без разлика на тоа дали се вакцинирани или не“,
изјавил извршниот директор на оваа компанија Алберт Бурла.
Компанијата во своето соопштение вели дека очекува лекот да ја задржи ефикасноста и кај другите варијанти на ковид, како што е омикронот, а лабораториските резултати покажале дека лекот блокира ензим вклучен во репликација на вирусот, што значи дека и навистина може да делува и против другите соеви на коронавирусот.