Според публикацијата „Макроекономски монитор“, во вториот квартал евидентно е губењето работни места во преработувачката индустрија, транспортот и во хотели и ресторани, што укажува дека растот на додадената вредност во најпогодените дејности не е проследен со креирање работни места
Во вториот квартал од 2021 година, БДП се зголеми за 13,1 на годишна основа, како резултат на почнувањето на масовната имунизација и нормализацијата на економските текови. Високиот раст е остварен на ниска споредбена основа од вториот квартал од 2020, во кој пандемијата го изврши првиот и најсилен удар на економијата, според заклучоците од најновиот „Макроекономскиот монитор“ на „Фајнанс тинк“
Како што се наведува, според дејности, ударот пред една година беше најсилен врз трговијата, сместувањето и послужувањето храна, и транспортот, како резултат на што и растот во вториот квартал на 2021 г. е
најголем во овие дејности, 46 отсто. Растот кај другите дејности е значително помал, со исклучок на индустријата, која порасна за 11, 4 отсто. Овој раст, како што наведува „Фајнанс тинк“, може да се поврзе со
растот на бруто инвестициите, извозот и увозот, 38,4, 45 и 46,7 отсто, кој во голема мерка е воден од интензивираните активности на извозните капацитети во ТИРЗ, кои искусија огромни падови пред една година, но сега го реализираат потенцијалот за брз излез од кризата.

„Олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот, заедно со продолжените ефекти од владините мерки за поддршка на доходот на граѓаните, го објаснуваат растот на приватната потрошувачка, 12.9 проценти. Додека растот на јавната потрошувачка, 2.9 отсто е генерално на патеката на консолидација, по големата експанзија во 2020 година. Невработеноста во првиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 15.9% од претходните 16 отсто во првиот квартал. Падот на невработеноста е значајно забавен, како резултат на враќањето на пасивизираното население на пазарот на труд. Вработеноста забележа благо зголемување, од 47,1 отсто на 47,3 отсто што упатува на понатамошна стабилизација на пазарот на труд“,
се посочува во публикацијата „Макороекономски монитор“.
Сепак, како што се наведува, во вториот квартал евидентно е губењето работни места во преработувачката индустрија (околу 4 000 во однос на првиот квартал), транспортот (3 500) и хотели и ресторани (1 000), што укажува дека растот на додадената вредност во најпогодените дејности не е проследен со креирање работни места.

„Неизвесноста во економијата повторно се зголеми во третиот квартал од 2021 г., со четвртиот бран од пандемијата. Иако се очекува дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од август ќе имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, сепак неизвесностите кај најпогодените дејности се сè уште нагласени“,
се наведува во публикацијата.
„Фајнанс тинк“ ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2021 на 4,1 отсто.
Податоците што ги објави „Фајнанс тинк“ се совпаѓаат со тие на Заводот за статистика, според кои стапката на раст на БДП за второто тримесечје од 2021 година е 13,1 отсто, при што извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 62,2 отсто, а увозот на стоки и на услуги се зголеми во номинален износ од 64,4 отсто.