Забелешка во Извештајот, како што посочува „Фајнанс тинк“, е и широкиот дијапазон на даночните ослободувања кој ги поткопува даночните приходи, а се дава и остра критика за отсуството на напредок во справувањето со сивата економија

Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, според „Фајнанс тинк“, дава реална слика за македонската економија во постпандемискиот период и периодот на енергетска криза, но овој пат, како што посочуваат, поизразен е критичкиот тон кон клучните реформски приоритети кои се повторуваат во секој извештај поради бавната реализација или нивното одложување.
Според „Фајнанс тинк“, Извештајот ја нагласува потребата мерките за справување со последиците од енергетската криза да бидат таргетирани кон ранливите категории и кон компаниите.
„Нашиот неодамнешен приказ на мерките објавени во октомври 2022 укажува дека од 19 мерки во сила, само три може да се сметаат за таргетирани, а девет, иако го омекнуваат негативното влијание од енергетската криза, сепак се редовни мерки кои се применуваат и во нормални времиња и претставуваат законска обврска, како што е мерката за редовните усогласувања на пензиите и социјалната помош. Оваа неповолна слика за мерките за справување со енергетската криза целосно ја објаснува констатацијата од Извештајот според која: ‘недостатоците во планирањето, имплементацијата и мониторингот на мерките, како и нивната транспарентност и отчетност, влијаат врз нивната ефективност’,
наведува „Фајнанс тинк“ во денешното соопштение.
Забелешка во Извештајот, како што посочува „Фајнанс тинк“ е и широкиот дијапазон на даночните ослободувања кој ги поткопува даночните приходи, а се дава и остра критика за отсуството на напредок во справувањето со сивата економија, поконкретно во спроведувањето на Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018-2022.
„Без видливи резултати на полето на сивата економија, како што укажува и самиот Извештај, наметнување нови и повисоки даноци ќе биде само во полза на зголемување на сивата економија“,
велат од „Фајнанс тинк“.
Во извештајот, според „Фајнанс тинк“, се укажува дека државната помош доделена на компаниите преку
Планот за економски раст, како главен инструмент за хоризонтална помош, е нејасна, а државата не спровела оценка на нејзиното влијание.
Извештајот за напредокот на Северна Македонија беше објавен вчера и е првиот извештај за земјава по одржувањето на Првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава.